Министерството за правда испрати барање до Судскиот совет да ги достави на увид Записникиот од 438-та седница како и усвоениот дневен ред откако вчера заменик-претседателот Селим Адеми ја разреши претседателката Весна Дамева.
„ Министерството за правда со голема загриженост ги следи настаните во Судскиот совет. И покрај тоа што Судскиот совет е самостоен и независен орган кој треба да ја обезбеди самостојноста и независноста на судската власт, она што во моментов се случува во голема мера ќе влијае на натамошната доверба на граѓаните во судството. Се надеваме и посакуваме да се надмине целокупната ситуација а Судскиот совет да биде орган кој ќе води грижа за угледот на судството“, се наведува во реакцијата од Министерството за правда.
Судскиот совет денеска го одложи изборот за нов претседател за 2 мај во 11 часот.
Адеми појасни дека за ова се одлучиле членовите на Советот, бидеќи станува збор за мошне важна за работа, за која се согласиле дека е потребно присуство на сите 13 членови. За одложувањето гласаа осум, додека четири членови беа против.