Албанскиот премиер Еди Рама во емисијата „Порта а порта” на италијанскиот јавен сервис изјавил дека не размислува за проширување на Европската Унија без Србија и дека мора „да ја држиме Србија многу блиску и да направиме сѐ за да бидеме во политички единство со неа”, јавија албанските медиуми.
Рама оценил дека е „невозможно да се замисли ЕУ во која ќе бидат вклучени Албанија и другите балкански земји без Србија”.
На прашањето дали Албанија се плаши од можно проширување на Европската Унија во која е вклучена и Србија, во време кога Србија се смета за блиска до Русија, Рама одговорил „не само што не се плашиме од тоа, туку ние сме доволно истакнат глас на Западен Балкан кој вели дека Србија мора да ја држиме многу блиску и мора да направиме сѐ за да бидеме политички обединети“.
– Од друга страна, секако дека има разлики, бидејќи Србија не ја санкционираше Русија од јасни причини кои во одреден момент мора да се сфатат како причини од политичка и историска, но и прагматична природа – посочил тој.
Зборувајќи за влијанието на војната во Украина на Балканот и особено во Албанија, Рама рекол дека „мора да направиме сè за да избегнеме страста за војна да не вклучи во создавање спорови меѓу земјите-членки на НАТО и за НАТО на Балканот и меѓу Србија и заедниците кои припаѓаат на еден словенско-православен свет, кој е тесно поврзан со Русија“.
Во врска со војната во Украина, вели дека „најголема можност е ова да е еден од таканаречените замрзнати конфликти, но со многу вознемирувачка димензија што може да ги земе како заложници не само Русија и Украина, туку и целиот свет, за подолг временски период”.
– Иако Русите отсекогаш биле прилично сурови борци, Украинците се исти. Па да се каже дека овде може да се одлучи без нив, ми изгледа доста тешко – оценил Рама.