Државниот пазарен инспекторат во координација со Управата за финансиска полиција и Министерство за внатрешни работи вчера изврши надзори на Кванташки пазар при што се изречени глоби во вредност над 580.000 денари. Истовремено запленети се стоки од над 15 тони.
Затекнати се и физички лица кои вршеле нерегистрирана дејност, односно трговија на мало, за што се издадени прекршочни платни налози во вредност од над 30.000 денари во согласност со член 2 ст.2 а казниво по член 58 ст.14 од Закон за трговија и им е издадена забрана за вршење дејност во рок од 30 дена.
За оние трговци кои не го пријавиле исполнувањето на минимално техничките услови издадени се прекршочни платни налози во вредност од над 18.000 денари. По Законот за метрологија издадени се прекршочни платни налози во вредност од над 12.000 денари за неверифицирана вага.
Имало и трговци кои ја прекршиле Одлуката за определување обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки за што се издадени прекршочни платни налози од над 200.000 денари.
Издаден е и прекршочен платен налог во вредност од 120.000 денари за организаторот, мал субјект, правно лице на Кванташки пазар кој го прекршил член 14 став 2 од Законот за трговија, што е казниво по член 58 став 1 од истиот закон и за одговорното лице во правното лице е издаден платен налог во вредност од 6000 денари.
Од ДПИ велат дека ова е само почеток на ваквите акции, а ќе следат и поригорозни во наредниот период.
Директорот на Пазарниот инспекторат Горан Трајковски апелираше оние кои се казнети да си ги платат налозите, но додаде и дека можат своето право да си го бараат на суд доколку имаат забелешка по однос на изречените казни.
– Од денес па натака сите инспектори кои констатирале прекршок кај економските субјекти ќе треба да се појавуваат на судските рочишта, и ќе ги застапуваат и бранат законите по кои што ги констатирале прекршоците. Практиката од непојавување на инспекторите на судските рочишта нема да ја има во иднина, бидејќи системот мора да профункционира – рече Трајковски.
Инспекторите и понатаму се на терен.