Мојата порака до сите вработени заедно со директорката е да комуницираат со другите институции и нека чекаат да се реши Општиот колективен договор. Така да ги надминат проблемите и да не се доведува во прашање државната матура, рече министерот за образование и наука Јетон Шаќири откако Синдикатот на вработените во Државниот испитен центар (ДИЦ) најави штрајк поради тоа што од Министерството за финансии не добиле согласност на Барањето за изменување и дополнување на колективниот договор.
Во допис до медиумите тие вчера соопштија дека во случај на штрајк ќе биде доведено во прашање и полагањето на државната матура покрај другите тестирања што ги организира Центарот.
Шаќири потенцираше дека сите имаат и правна одговорност. Тој апелира Државниот испитен центар да не ја користи ситуацијата кога средношколците треба да полагаат државна матура.
– Сите синдикати се вклучени во Општиот колективен договор. Значи и тие вработени кои се дел од синдикатот УПОЗ јас ќе ги повикам зашто сите имаме законски обврски и кога се работи за државна матура не може да го искористат моментот на државната матура за да ја постигнат целта. Целта на Владата е Општ колективен договор и подобри услови. Мојата порака до сите вработени заедно со директорката е да комуницираат со другите институции и нека чекаат да се реши Општиот колективен договор. Така да ги надминат проблемите и да не се доведува во прашање државната матура – рече Шаќири одговарајќи на новинарски прашања по учеството на тркалезната маса „Антикорупциско образование – пристапи и предизвици“.