Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Русија ќе употреби нуклеарно оружје само доколку биде загрозено нејзиното постоење. Песков наведува дека целта на руската операција врз Украина не е окупација на земјата, пренесе Тасс.
Тој изјави и дека никој не мислел дека „специјалната воена операција“ во Украина ќе трае само неколку дена и дека целата кампања сѐ уште се планира.
Запрашан за нуклеарното оружје, што постојано му се поставува како прашање од почетокот на руската окупација, Песков кажа дека Русија ќе го употреби само доколку биде загрозено нејзиното постоење како држава.
Во меѓувреме, од Кремљ соопштија дека рускиот претседател Владимир Путин денеска телефонски разговарал со францускиот колега Емануел Макрон. Разговорот бил одржан на иницијатива на Макрон.
Се разговарало за ситуацијата во Украина, како и напредокот на актуелните преговори меѓу руските и украинските претставници, се додава во соопштението на Кремљ.