Ѕвездата на серијата „Беверли хилс 90210“, Шенон Доерти, поднела барање за развод од Курт Исвариенкo. Барањето го предала во петокот по 11 години брак, а истото го потврдила нејзината претставничка Лесли Слоун за „Ју-Ес-Еј тудеј“.
„Разводот е последното нешто што Шенон го сакаше. За жал, чувствуваше дека нема други опции. Можете да се обратите кај агентката на Курт, Колиер Грим, бидејќи таа е интимно вмешана во тоа“, рекла Слоун накратко и со тоа сугерирала дека причината за разводот е друга жена.
Шенон во петокот објави фотографија на Инстаграм на која стои: „Единствените луѓе кои заслужуваат да бидат во твојот живот се оние кои кон тебе се однесуваат со љубов, љубезност и целосна почит“.
Според пишувањата на ТМЗ, Шенон и Курт се разделени уште од јануари, а како што велат извори, актерката поминува низ многу тежок период. Нејзината здравствена состојба е лоша, а сега проаѓа и низ развод.
Инаку, на Доерти ѝ беше дијагностициран рак на дојка во четврт стадиум во 2020 година. Во една прилика за списанието „Пипл“ изјави дека поради нејзината болест, бракот помеѓу неа и Курт се подобрил.
„Ракот нè зацврсти“, изјави Шенон тогаш и додаде дека тие меѓусебно повеќе се ценат.