Судирите во Судан се заоструваат. Армијата и паравојската на двајца ривалски генерали ги бомбардираат и аеродромите. Франција започна „операција за брза евакуација“ на своите граѓани и дипломатскиот персонал од Судан, каде борбите меѓу силите на двата ривалски судански команданти влегоа во втората недела, соопшти денеска француското Министерство за надворешни работи. Според Светската здравствена организација, досега во судирите во Судан загинале повеќе од 420 луѓе, а 3.700 се повредени.
Претходно денеска, американските сили за специјални операции користејќи хеликоптери за помалку од еден час извршија евакуација на Американската амбасада во Картум, главниот град на Судан.
Француското министерство соопшти дека европските граѓани од „сојузничките партнерски земји“ исто така ќе бидат евакуирани како дел од нивната операција, не наведувајќи дополнителни детали.
Според еден дипломатски извор, суданските вооружени сили и паравоените сили за брза поддршка, против кои се борат, дале „безбедносни гаранции“ за операцијата.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен потврди дека Американската амбасада во главниот град на Судан, Картум, привремено ја прекинала работата поради судирите во таа држава.
Блинкен рече дека целиот персонал на Американската амбасада и членовите на нивните семејства се безбедно евакуирани од Картум и најави дека официјален Вашингтон ќе продолжи да им помага на Американците кои останале во Судан.
– Во операцијата учествуваа околу 100 американски војници и три хеликоптери MH-47, а пренесени се околу 70 преостанати вработени во амбасадата на непозната локација во Етиопија – изјави помошникот државен секретар за африкански прашања Моли Фи.
Генералите Абдул Фатих Ал-Бурхан, предводник на армијата и генералот Мухамед Хамдан Дагало од паравојската на Брзите сили претходно во 2019 година беа сојузници при симнувањето од власт на диктаторот Омар Ал-Башир. Сепак, тие имаа несогласување при спојувањето на нивните сили и преодот кон цивилна власта во земјата.
Ситуацијата во Судан трае веќе втора недела.