Семејството на Михаел Шумахер најави тужба против германски неделник кој објавил божемно „интервју“ со легендарниот шампион во Формула 1, генерирано со вештачка интелигенција (АИ).
Познатиот „Шуми“ не е виден во јавноста откако доживеа тешка повреда на мозокот во несреќа на скијање на семеен одмор на француските Алпи во декември 2013 година. Оттогаш, семејството ја чува неговата приватност, а само најблиските имаат пристап до Шумахер. За неговата состојба се објавуваат малку информации.
Во весникот „Ди Актуеле“ (Die Aktuelle), сепак, осамна насловна страница со слика на седумкратниот шампион на Ферари, насмеан и со ветувачки наслов – „Михаел Шумахер, прво интервју“, истакнувајќи дека „звучи реално“. Подоцна се соопштува дека цитатите се генерирани од вештачка интелигенција.
Многу други медиуми како и читатели на социјалните мрежи го критикуваа потегот на „Ди Актуеле“ како срамен и бесчувствителен. Германскиот колумнист Борис Розенкранц го нарече чекорот „премногу глупав за да биде вистинит“.
Член на семејството Шумахер за Ројтерс потврди дека ќе биде поднесена тужба до весникот.
Сопругата на Михаел – Корина Шумахер за последен пат зборуваше за Шумахер во документарец на Нетфликс во 2021 годна.
– Живееме дома заедно. Ја спроведуваме терапијата. Правиме се за да направиме Михаил да се чувствува подобро и да му биде удобно, едноставно да биде дел од семејството. Се обидуваме да продолжиме како семејство, онака како што сака Михаел. И ние продолжуваме со нашите животи. Приватното е приватно, како што секогаш велеше. Многу ми е важно тој да продолжи што повеќе да ужива во приватниот живот. Михаел отсекогаш нѐ штител, па сега и ние го штитиме него – изјави Корина.
Синот на Шумахер – Мик сега е резервен возач на Формула 1 тимот Мерцедес, откако лани го загуби своето место во конструкторскиот тим Хаас.