Снимањето на филмот „Рѓа“, со Алек Болдвин во главната улога, ќе продолжи в четврток, 18 месеци откако кинематографката Халина Хачинс беше убиена на снимањето на вестернот, објавија продуцентите во вторникот.
Снимањето ќе се одвива на филмскиот ранч Јелоустон во Монтана. Пред несреќата, снимањето беше на ранчот Бонанца Крик во близина на Санта Фе, Ново Мексико.
Хачинс (42) им подлегна на повредите во октомври 2021 година, откако беше застрелана од огнено оружје што го држеше Болдвин, кој е продуцент на филмот и главна ѕвезда. Болдвин, кој ја усмрти Халина и го рани режисерот Џоел Соуза, рече дека му било кажано да употреби пиштол Колт- 45 кој нема вистински куршуми.
Болдвин беше обвинет за убиство од небрежност и се изјасни за невин. Под истото обвинение е и Хана Гутиерез-Рид, одговорната за оружјето на сетот. Доколку бидат прогласени за виновни, им се заканува затворска казна до 18 месеци и парична казна од 5.000 долари. Почетокот на прелиминарното рочиште е закажано за мај.
Метју Хачинс, сопругот на убиената Халина, сега ќе биде извршен продуцент на „Рѓа“, а Бјанка Клајн ќе ја преземе работата на Хачинс, односно ќе биде снимателка.
Во продукцијата се враќа и режисерот Џоел Соуза, кој беше ранет во пукањето. Продуцентите ги ангажираа Гери Џенсен и Пол Џордан, кои ќе бидат задолжени за безбедноста на сетот.