More

    Што се крие зад воведувањето 60-часовна работна недела?

    spot_img

    Непочитување на Уставот и мислењето на Уставниот суд за исто такво решение, можност за злоупотреба на решението и од други инвеститори, дискриминација на работниците и намалување на нивните права утврдени со актуелното законско решение – ова, според експертите, се најверојатните последици од предложените измени на Законот за работни односи со кои се овозможува работниците на стратешки објекти да работат по 60 часови неделно, кој е на расправа во собраниската Комисија за труд и социјална политика.

    Синдикатите, пак, повикуваат пратениците да не гласаат за ваков штетен закон и најавуваат дека ќе се борат со сите механизми да се зачуваат правата на работниците.

    Експерти и економисти сметаат дека предложените измените на Законот за работните односи со кои се воведува работна недела од 60 часа, покрај тоа што се неуставни, се лоши за работниците бидејќи отвораат можност за злоупотреба, кршење на нивните права и можност да не бидат исплатени за прекувремената работа.

    Прекувремената работа за прекумерна злоупотреба 

    – Во практиката прекувремената работа е најзлоупотребуваното право од донесување на Законот до денес, а овие измени даваат основа тоа право дополнително да се злоупотребува. Измените ги ставаат во нерамноправна положба работниците и со тоа се дискриминирачки. Прекувремената работа е предвидена во Законот за работни односи со точно определени законски услови за тоа кога може да се работи прекувремено. Доколку поминат овие измени одреден број вработени ќе работат многу повеќе од останатите, но притоа може да се случи да не им се плати прекувремената работа, ако се прераспореди работното време во текот на целата година. Во еден период од годината вработените можат да работат и по 60 часа, а во друг период да им се распореди и истата да не им биде соодветно платена, бидејќи не е интервенирано во законските одредби коишто го предвидуваат ова право – вели Лазар Јовевски, професор по трудово право, во изјава за порталот Работник.

    Според него, проблем е и тоа што самите законски измени не предвидуваат кои се стратешки и национални интереси на еден проект.

    – Оттаму Владата, односно Министерството за труд, најверојатно, на барање на работодавачите, ад хок ќе одлучува за тоа кои се стратешки интереси на државата. Претпоставувам дека тоа ќе бидат некои големи проекти, во градежништвото, индустријата и слично, но ние немаме претстава што е точно стратешки интерес на државата, бидејќи генерално на пазарот на труд немаме детерминирано кои се стратешките интереси – вели Јовевски.

    За професорот е симптоматично и тоа што законските измени се водат во скратена постапка и без мислењето на засегнатите страни.

    Економистот и поранешен пратеник Маријанчо Николов смета дека предлагачите на измените на законот треба јавно да кажат со што ново во предложеното би ги убедиле уставните судии да дадат поинакво мислење од веќе даденото за ваквите измени.

    Како може да се предлагаат измени кои еднаш се прогласени за неуставни?

    – Губење време и енергија е ако и овие законски измени паднат на Уставен суд, бидејќи за вакво решение судот веќе даде свое мислење. Нејасно е што е тоа со кое би можеле да ги убедат уставните судии да гласаат поинаку за овие законски измени и да дозволат работна недела од 60 часа. Според мене, проблем ќе биде и ако измените на законот не поминат на Уставен, а најверојатно се поврзани со одредби од договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“ со кои се пролонгира периодот на изведба на проектот и плаќање на одредени пенали – вели Николов.

    Тој смета и дека при подготовката на ова законско решение не се мислело дека работата на изградба на автопатиштата е тешка и се реализира под различни временски околности кои влијаат на здравјето на работниците, на нивните физички, физиолошки и психички способности.

    – Нејасно е зошто се инсистира на прекувремена работа и ангажман на помалку работници, наместо работата да се реализира со повеќе работници и во многу подобри услови за работниците. Ако се пресметаат прекувремените часови на работниците кои ќе бидат ангажирани да работат 10 или 12 часа дневно на двајца работници може да се ангажира уште еден и со тоа ништо не се губи во однос на парите од државата, ниту на правата на работниците. Која е логиката да се прави спротивното не можам да кажам – вели Николов.

    И според него, со точно неутврдена дефиниција за стратешки и национални проекти и прекумерно утврдени прекувремени часови се отвора можност за злоупотреба на правата на работниците и од други инвеститори.

    – Законот треба да посочи и што е стратешки интерес на државата, кој ќе го утврдува? Дали владата или на нејзин предлог Собранието? Ако не се дообјасни тоа можни се злоупотреби и од други инвеститори на проекти кои ќе се прогласуваат стратешки или не, па и голем број други работници да се најдат во позиција да работат 60 часа неделно, наместо 40 часа како што гарантира Уставот – вели тој.

    Николов вели дека пратениците можат и да ја ограничат примената на овие законски измени на 4 години колку што е планирано да се градат делниците, но додава дека практиката покажала дека кај нас големите проекти се градат подолго од планираното.

    И за синдикатите е нејасно зошто пратениците предлагаат измени на законот за работни односи кои веќе имаат негативно мислење од Уставниот суд и бараат останатите пратеници да го отфрлат ова законско решение. Тие исто така забележуваат дека не биле консултирани за овие измени.

    – Не смееме да дозволиме некој да си игра со животот и здравјето на работниците, па оттука и ССМ и Синдикатот за градежништво – СГИП ќе ги искористат сите механизми кои им се на располагање за зачувување на овој столб на работничките права, а тоа е пристојното работно време да важи за македонските работниците исто како што важи за европските работници – велат синдикатите во заедничко соопштение.

    Пратениците се правдаат со потребата од брзо завршување на проектот, а премиерот вели дека така ќе се заштедат пари

    Група пратеници предложи измени на Законот за работни односи во делот за прекувремена работа и местото и начинот на исплата на платата на работници на проекти од национален и стратешки интерес на државата. Со нив се предлага прекувремената работа во вакви проекти да може да трае и подолго од 8 часа во текот на една недела, повеќе од 8 часа во просек неделно во период од 3 месеци и повеќе од 190 часа годишно, во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.

    Предлагачи на измените се група пратеници кои сметаат дека со овие законски измени ќе се надмине состојбата на продолжување на роковите за прашања кои се од национален и стратешки интерес. Дополнително се воведува можноста за работа во недела.

    Опозициската Левица поднесе 1.111 амандмани на законот со што се обиде да го пролонгира донесувањето на измените на законот.

    Премиерот Димитар Ковачевски застана во одбрана на предлог-законските измени со образложение дека така помалку работници ќе работат повеќе часови, со што поголем дел од финансиите ќе останат дома.

    Во спротивно, вели тој, без законски измени, ќе дојдат повеќе работници од странство.

    – Доколку бидат донесени овие законски измени ќе може да се ангажираат помал број работници и да се работат повеќе часови, па поголем дел од финансиските средства ќе останат во државата. Без законски измени ќе дојдат повеќе работници од странство. Сите работници ќе имаат право да дадат согласност за 60 часа работа неделно и секој час би бил платен – рече Ковачевски.

    Спротивно на него мисли претседателот Стево Пендаровски. Во изјава за Сител тој рече дека ваквиот предлог веќе паднал на Уставен суд и дека нема логика да се носи нешто што е противуставно.

    Владата во март годинава го одобри договорот за изградба на планираните четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д со конзорциумот „Бехтел и Енка”. Собранието лани донесе Закон за утврдување јавен интерес и негово номинирање за стратешки партнер за овој проект.

    Коридорот 8 е долг 68 километри, со автопат со 6 ленти, од Тетово до Гостивар, Кичево, преку Струга до Ќафасан, додека Коридорот 10-Д од Прилеп до Битола е долг 40 километри и има исто така 6 ленти, со период за изградба од 3 години од почетокот на работите.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img