Граѓаните кои се медиумски писмени се повеќе свесни за постоењето на дезинформации, па можат активно да учествуваат во процесот на следење вести, и подобро знаат и умеат да ги препознаваат дезинформациите и да се справат со нив. На овој начин, тие стануваат граѓани кои, освен што се помалку ранливи во однос на дезинформациите, се и активен субјект во општеството.
Ова го покажува анализата „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани во Северна Македонија”, што ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Анализата, како што е наведено во соопштението, се фокусира на утврдување на индивидуалните фактори, мотиви и бариери за препознавање и за справување со дезинформации, како и на поврзаноста на медиумската писменост со умешноста за препознавање на дезинформации во интернет-вестите.
„Како ранливи групи се идентификувани младите лица на возраст меѓу 18 и 28 години, возрасните лица над 60 години, и лицата од социјално ранлива категорија (приматели на некаков вид социјална помош). Ова истражување е иновативно по тоа што за првпат прави соодветна скала и индекс на медиумска писменост, во обид да се провери дали и на кој начин можат да се мерат: писменоста за вести, мотивацијата, но и свесноста за бариерите кај ранливите групи граѓани во процесот на препознавањето на дезинформациите. Анализата е изработена во рамките на проектот ‘Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија’, кој се реализира со поддршка на Британската амбасада во Скопје“, се вели во соопштението.