Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија најостро ја осудува одлуката на Владата на Република Северна Македонија за повлекување на Предлогот за изменување и дополнување на Законот за матична евиденција, еден ден пред да биде разгледан на собраниска Комисија за политички систем.
Според мрежата, со ова, нашата држава потфрла да изгради општество за сите.
– Со ова нашата држава најпрво потфрла да изгради општество за сите, на премиса на која всушност и дојде на власт. Второ, потфрла да ја исполни обврската кон Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), која произлегува од пресудата во случајот „Х против Македонија“, донесена во јануари 2019, со која експлицитно ја задолжува државата да овозможи брза и лесна административна постапка за правно признавање на родот врз основа на себеопределување – изјави денеска Лила Милиќ од Иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во РСМ.
Таа истакна дека принципот на самоопределување е загарантиран со меѓународните стандарди со кои е обврзана нашата земја, а Советот на Европа ги поддржува сите земји-членки при остварувањето на ова право, без оглед дали се однесува на себеопределување како национален и етнички идентитет или родов идентитет.
– Барањата на одредени пратенички групи за измени во законот со кои би се предвиделе насилни медицински интервенции врз трансродовите луѓе, како што се дијагностицирање, хормонска терапија, хируршки зафат или стерилизација, како предуслов за пристап до правно признавање на родот е спротивно на Уставот на РСМ, кој го гарантира телесниот интегритет на сите овие граѓани. Дополнително, ваквиот предлог е спротивен на одлуката на Светската здравствена организација и последната ревизија на класификацијата на болести каде трансродовите состојби се повлечени од кластерот за ментални заболувања – сподели Милиќ.
Таа го посочи и загрижувачкиот факт што во медиумите се шират голем број лажни вести и се споделуваат изјави од политичари кои, според неа, не се базираат на точни информации.
– Веста, на пример, дека усвојувањето на Законот за матична евиденција е вовед во истополови бракови е целосно неточна, затоа што предлог-законот предвидува задолжителен развој за сите кои сакаат да пристапат до правно признавање на родот. Понатаму, загрижени сме за ширењето на паника дека овој закон може да придонесе до широка злоупотреба, без притоа да се провери праксата во земјите каде овие закони се во сила веќе долго време и каде злоупотреба на правното признавање на родот досега не е утврдена – рече таа.
Спроведувањето на овој закон, според мрежата, нема буџетски импликации, ниту, пак, какви било други негативни влијанија за општата јавност.
– Едноставно, има само позитивни ефекти за трансродовите лица кои сакаат да ги усогласат своите лични документи, што е во насока на стратешките определби на нашата земја да изгради општество еднакво за сите и со развојните политики никој да не биде изоставен.
Наташа Бошкова, адвокат и правна советничка во Коалиција Маргини посочи дека загрижува фактот што, како што рече, најгласните пратеници кои се противници на овој закон, очигледно го немаат прочитано предлог-законот.
– Кажувањата дека со усвојувањето на предлог-законот ќе се злоупотребуваат законите за извршување на санкции, ќе се злоупотребуваат законите за искористување на правото на пензија, не се точни, затоа што самиот закон предлог има гаранција за граѓаните кои ќе пристапам до правно признавање на родот да не можат да ги злоупотребат и, дополнително, секој од овој закон во својата област ќе треба да си ја доуреди процедурата за регулирање на правата на граѓаните – рече таа.
Според неа, аргументите за тоа дали треба или не треба да се усвои овој закон треба да се соочат во собрание.
– Жалам што законот е повлечен, година дена законот седи во Собрание, никој не нè покани на јавна расправа да ги соочиме овие аргументи, да ги соочиме прашањата па да разобличиме дали овие стравови на дел од пратениците се оправдани или се извор на далеку вкоренета трансфобија – рече таа.
Од мрежата повикуваат Владата да го врати законот во Собрание и таму да се разговара за сите спорни прашања дали треба или не треба да се усвои.
Фото: МИА