Со неочекувана спогодба со компанијата за гласачки машини „Доминион“ телевизијата Фокс њуз избегна судски спор за известувањето за претседателските избори во САД и тврдењата за „кражба на гласови“ во штета на Доналд Трамп.
Со договор во последен момент Фокс њуз избегна судски спор и треба да му плати 787,5 милиони долари на производителот на гласачки машини „Доминион“ поради систематските тврдења дека компанијата вршела „кражба“ на гласови со цел Доналд Трамп да биде поразен на претседателските избори во 2020 година во САД.
Спогодбата ја објавија во вторникот надлежниот судија во Вилмингтон во американската сојузна држава Делавер и странките во спорот, со што Фокс њуз го избегна судскиот процес за клевета.
„Вистината е важна. Лагите имаат последици“ – изјави правниот застапник на „Доминион“, адвокатот Џастин Нелсон, пред судската зграда.
Директорот на „Доминион“ Џон Пулос оцени дека станува збор за историска спогодба.
„Доминион“ во март 2021 година поднесе тужба против Фокс њуз поради ширење лажни обвинувања за изборна измама на претседателските избори во САД, со барање за обештетување од 1,6 милијарди долари. „Доминион“ ја обвини телевизијата Фокс њуз за ширење лажни вести според кои машините на „Доминион“ за броење гласови биле користени за изборни манипулации, иако на одговорните во Фокс њуз и на водителите им била позната целосната неоснованост на обвинувањата.
Одбраната на Фокс њуз се базираше на тврдењата дека телевизијата само ги пренесувала изјавите од тогашниот претседател Доналд Трамп, кои не биле и нејзини, повикувајќи се на уставно загарантираното право на слобода на мислење и слобода на печатот.
Фокс њуз изрази задоволство од постигната спогодба со „Доминион“. Телевизијата, која спаѓа во медиумската империја на контроверзниот милијардер Руперт Мардок, призна дека одделни тврдења на сметка на „Доминион“ биле погрешни, а истакна дека постигнатиот договор е потврда на чувството на Фокс њуз за обврзаност кон „највиските новинарски стандарди“.
Фокс њуз беше телевизијата преку која Доналд Трамп во ноември 2020 година, по својот пораз на претседателските избори, ширеше тешки обвинувања, кои потоа во повеќе наврати беа побиени од надлежни институции.
Трамп, кој сака повторно да настапи на претседателските избори во 2024 година, до денес зборува за наводна кражба на изборите во 2020 година.