Нашата коса може да ни даде до знаење нам и на нашиот лекар дали сме под стрес, дали имаме недостаток на одреден витамин или минерал, проблеми со тироидната жлезда или некој друг здравствен проблем што не треба да го игнорираме.
Според Everyday Health, постојат неколку симптоми кои укажуваат на здравствени проблеми, а можеме да ги видиме во нашата коса.
Кршливата коса може да биде знак за Кушингов синдром
Кршливата коса е еден од симптомите на Кушингов синдром, ретка состојба предизвикана од премногу кортизол, примарен хормон на стрес во телото. Сепак, лекарите откриваат дека има многу други поочигледни симптоми на Кушингов синдром, вклучувајќи висок крвен притисок, замор и болки во грбот. Исто така, кршливата коса може да биде знак за лоша исхрана, односно недостаток на витамини Б и протеини во телото.
Проретчената коса понекогаш укажува на болест на тироидната жлезда
Луѓето кои имаат хипотироидизам, состојба која се јавува кога нашата тироидна жлезда не произведува доволно тироидни хормони, може да забележат зголемено опаѓање на косата и промена во квалитетот на косата. Според Index.hr, освен проретчување на косата, болестите на тироидната жлезда можат да предизвикаат замор, нетолеранција на студ, болки во зглобовите или мускулите и необјасниво зголемување на телесната тежина.
Губењето на косата може да биде знак за анемија
Доколку забележите дека вашата коса почна да опаѓа многу повеќе од вообичаено, тоа може да биде знак за недостаток на железо во организмот, односно анемија. Имено, многу истражувања покажале дека анемијата предизвикува необјасниво и ненадејно опаѓање на косата.