Доколку бидат изгласани измените за 60-часовна работна недела за работниците на коридорите 8 и 10 ќе се зголеми нивната продуктивност, смета премиерот Димитар Ковачевски. На денешна пресконференција тој изјави дека така помалку работници ќе работат повеќе часови, со што поголем дел од финансиите ќе останат дома.
Во спротивно, вели тој, без законски измени, ќе дојдат повеќе работници од странство.
– Доколку бидат донесени овие законски измени, ќе може да се ангажираат помал број работници и да се работат повеќе часови, па поголем дел од финансиските средства ќе останат во државата. Без законски измени ќе дојдат повеќе работници од странство. Сите работници ќе имаат право да дадат согласност за 60 часа работа неделно и секој час би бил платен – рече Ковачевски.
Во меѓувреме, партијата Левица поднесе 1.111 амандмани против овие законски измени со што седницата во Собранието беше одложена.
Премиерот одговори и на прашања во врска со обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека министерот Бујар Османи на средбата со неговиот шпански колега Хосе Мануел Албарез Буено го користел само албанскиот јазик со што го прекршил Законот за јазици. Според Ковачевски законот не е скршен, а се работи за „една од низата хистерии кои ВМРО-ДПМНЕ сака да ги шири во општеството“.
– Прво, од Министерството за надворешни работи бараат извинување од партијата која што тоа го пласираше. Денеска, министерот за информатичко општество се обрати и на албански и на македонски јазик. Јас честопати на меѓународни настани се обраќам и на македонски и на англиски јазик. Сметам дека она што го прави опозицијата е една од низата на хистерии кои што сака да ги шири во општеството. Прво, до пред некое време главна тема беше дека ќе сме се бугаризирале и асимилирале и дека ќе немало македонски јазик. Откако го потпишавме Договорот од ФРОНТЕКС на македонски јазик со сите други јазици на Европската унија, таа тема гледам дека не ја употребуваат, иако воопшто не влегуваа ниту да го гласаат договорот. Кога една година по изгласувањето на заклучоците по францускиот предлог во Собранието и отпочнувањето на преговорите со ЕУ, ние сме Македонци со наш заштитен македонски идентитет потврден и од ЕУ и од сите претставници на ЕУ кои што доаѓаат тука и гледам дека и таа тема ја нема – рече Ковачевски, кој во Владата заедно со министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу одржаа прес-конференција на тема дигитализација.
Алиу најави формирање Агенција за дигитализација која ќе ја осигура кибер-безбедноста во земјата.
Премиерот се осврна и на случајот со анестезиологот во тетовско Одри, кој на социјалните мрежи во живо снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал, му е определена мерка притвор во траење од осум дена.
Анестезиологот Ваљон Девиши се соочува со целосно одземање на лиценцата во период од 7 години.
Премиерот изјави дека ја поддржува одлуката на министерот за здравство за санкционирање на анестезиологот бидејќи станува збор за неетичко и непрофесионално однесување.
Во однос на тоа дали ќе се воведе мерка за забрана за користење на социјалната мрежа Тик-Ток, Ковачевски рече дека доколку претседател на Влада воведе забрана за користење на одредена социјална мрежа која се користи како медиум, тоа може да биде протолкувано на многу различни начини.
Премиерот најави и дека деновиве треба да почне изготвувањето на предлог-амандманите за уставните измени. Тој рече дека наскоро министерот за правда ќе ги објави експертите коишто доаѓаат од стручната фела и од практиката во делот на уставното право и сродните права, а дека веќе се познати имињата на експертите од политичките партии кои ќе учествуваат во процесот.