Откако омилените музичари на кралот Чарлс одбија да настапат на крунисувањето, познато е кој ќе ги замени.
Како што јавува Би-Би-Си, Кети Пери, Лајонел Ричи и групата Take That ќе го водат концертот што ќе се одржи на 7 мај во рамките на прославата на крунисувањето на кралот Чарлс Трети, што ќе се одржи ден претходно.
Сепак, првичната желба на кралот Чарлс била Ед Ширан и Адел да настапат, но тие одбиле.
Концертот ќе се одржи во замокот Виндзор и исто така ќе има дует на меѓународната оперска ѕвезда Андреа Бочели со добитникот на Греми Брин Терфел, како и кантавторката Фреја Ридингс заедно со класичниот композитор и пијанист Алексис Френч.
Како што информираат од Слободна Далмација, покрај познати фаци, ќе настапи и групата позната како The Coronation Choir, составена од хорови од заедницата и пејачи аматери од цела Велика Британија.
Сите ќе имаат можност да пеат пред 20 илјади луѓе, а се очекува крунисувањето пред малите екрани да го следат неколку милиони луѓе.
Концертот ќе биде дел од тридневните прослави кои се одржуваат низ целата земја на кои ќе биде поканета да учествува и јавноста, а како што се приближува мај, палатата објави повеќе детали за историската пригода.
Така тие го открија необичниот дизајн на поканата испратена до две илјади гости, кои ќе учествуваат на церемонијата на крунисувањето, како и детали за кочиите, процесите на крунисување, па дури и нов емотикон кој ќе може да се користи на социјалните мрежи. за да го одбележи крунисувањето на кралот Чарлс.