Речиси секоја година сме сведоци на рекордни суми платени за парче метал што завршува со специјален автомобил. Но, за работите да бидат побизарни, милионите што се плаќаат за такви таблички се редовно повисоки од вредноста на самите автомобили, без разлика колку се скапи.
Многумина ќе се сетат на еден есктремен случај кога Volvo V70 се продаде за 20 милиони долари благодарение на њујоршката регистарска табличка. Инаку, непишаното правило е дека табличките со помалку знаци редовно најдобро поминуваат на аукции и достигнуваат милиони.
Една таква неодамна се појави на аукција во Дубаи. Минатата година, хуманитарната аукција Most Noble Numbers ја обележа табличката „АА8“, која постигна цена од речиси десет милиони американски долари. Годинава повторно се одржа аукцијата, а највисока цена постигна табличката „P7“ – дури 15 милиони американски долари. Ова го собори рекордот од 2008 година, кога Саид Абдул Гафар Кури плати околу 14,2 милиони американски долари за табличката „1“.
Добрата вест е што средствата се исплаќаат за добротворни цели, а не се сомневаме дека на аукцијата ќе се појави подеднакво посакувана табличка и следната година. И ќе се продаде за вртоглава сума.
За потсетување, на листата на познати регистарски таблички кои достигнаа рекордни суми се „ММ“ од Калифорнија и „F1“ од Велика Британија. Во Австралија рекордната цена ја постигна табличката „4“, додека неименуван купувач во Хонгконг платил 3,2 милиони долари за табличката „R“.