Пред 11 години се случи масакрот кај Смилковско Езеро кога беа убиени четирите момчиња Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски и 45-годишниот Борче Стевковски од Црешево.
Иако мина повеќе од деценија од петкратното убиство, судскиот предмет сè уште е активен, бидејќи и на втората пресуда, осудените на доживотен затвор поднесоа жалба. За двајца од осудените Африм Исмаиловиќ и Алил Демири сè уште има потерници и барање за екстрадиција од Косово.
Двајцата бегалци и Агим Исмаиловиќ за тероризам се осудени на доживотен затвор, додека за помагање осудени се Хаки Азири на девет години затвор и Фејзи Азири на 15 години затвор. Осудените тврдат дека не се сторители и од Врховниот суд бараат поништување на пресудата.
Петте жртви беа свирепо убиени на Велики четврток 2012-та година на брегот на Смилковското Езеро.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, потпретседателот Владо Мисајловски, градоначалниците на Гази Баба и на Бутел Дарко Костовски и Бобан Стефковски и пратениците Жаклина Пешевска и Зоран Коцевски денеска положија цвеќе и запалија свеќи кај Смилковското Езеро.
„Вечна им слава на Филип Славковски, Александар Накевски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и Борче Стевковски, убиени на Смилковското езеро! На денешен ден 2012 година на големиот христијански празник Велики Четврток на Смилковското езеро беа убиени Филип Славковски, Александар Накевски, Цветанчо Ацевски, Кире Тричковски и Борче Стевковски“, напиша градоначалникот Стефковски на својот Фејсбук профил.
Градоначалникот Стефковски исто така напиша „Никогаш да не се повтори! Никогаш да не се заборави!“.
Општина Гази Баба заедно со иницијативниот одбор на местото на петкратното убиство изградија црква „Светите Четириесет Маченици – Младенци“ во спомен и помен на загинатите.