Директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС) Наумче Мојсовски поднел тужба за клевета против Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).
Во тужбата, како што кажа претседателката на ДКСК Билјана Ивановска на денешната седница, Комисијата се товари дека јавно објавувала информации за директорот на АМС.
– Станува збор за предмет кој во континуитет се работи две години. Го изанализиравме функционирањето на АМС во целина, дадовме препораки кои директорот не ги реализира – рече Ивановска.
Членот на ДКСК Владимир Георгиев посочи дека фактите во извештајот на ДКСК за директорот на АМС, што се изнесени на една од претходните седници на Комисијата, се засноваат на факти за работењето на директорот доставени од Агенцијата или од други надлежни институции.
Членот на ДКСК Нури Бајрами, пак, посочи дека не му е јасно како едно службено лице не препознало дека седниците на ДКСК се јавни и дека Комисијата е можеби потранспарентна од тоа што е предвидено со закон.