Собранието се повлече од намерата да го измени и Законот за заштота на културно наследство, со кој му се овозможува на странскиот инвеститор да не ја прекинува работата, доколку наиде на археолошки наоди или артефакти. Групата пратеници предлагачи го повлекоа предлогот, под притисокот на јавноста изминативе два дена, како и од Здружението на археолози на Македонија.
Археолозите непосредно пред почетокот на седницата на протест предупредија дека пратениците ќе направат кривично дело доколку гласаат за измените, зашто со нив се озаконува уништување на културното наследство и се кршат низа домашни закони и меѓународни договори и ратификации.
Измените предвидуваа на трасата, по кои ќе минуваат Коридорот 8 и 10-Д, ако се откријат археолошки или други културни наоди, за нив да одлучува надлежниот градежен инженер. Тој би требало да одлучи дали работата на дадениот простор да запре или да продолжи со исто темпо.
Експерти тврдат дека дел од трасата за Коридор 8 минува низ заштитено подрачје во Охридскиот регион. Тие алармираат, како што се наведува, за очигледно направените исчекори во насока на конкретни обиди за создавање легална рамка за уништување нa материјалните докази за нашето постоење. Отсуството на облигаторност за инвеститорот со надлежната јавна установа за заштита на културното наследство, овозможува манипулација и со квантитетот на евентуално пронајдените случајни археолошки откритија, но и со автентичноста на нивното стратиграфско, културолошко и историско толкување, велат експерти од областа.