Премиерот Димитар Ковачевски смета дека нема конфликт на интереси со владината одлука компанијата, каде што има удел неговата сопруга, да дооформи градежна парцела во Радовиш на државно земјиште по цена од 70 денари за метар квадратен, истакнувајќи дека е изземен од одлучување и присуство на седница доколку се дискутира за правни субјекти наведени во неговиот анкетен лист. Тој додава и дека уредбата за определување на цените на земјиште е објавена на 17 октомври 2013 година, донесена од Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
– Тоа што го поседуваме јас и членовите на моето семејство е многу јасно и транспарентно наведено во анкетниот лист што го имам поднесено во ДКСК и таму може точно да се види каде јас имам удел, каде член на моето семејство има удел, пред да стапам на функција. Второ, јас имам испратено и известување до вицепремиерот за добро владеење и до генералниот секретар на Владата во којшто нотирам и информирам дека доколку на седница на Влада се дискутира или се одлучува за точки поврзани со правните субјекти наведени во мојот ажуриран анкетен лист, објавен на сајтот на ДКСК, моето учество треба да се изземе од одлучување и присуство на Владата, за што генералниот секретар ме информирал заради спречување на каков било конфликт на интереси – вели Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на првиот дигитален асистент во јавниот сектор.
Тој додаде дека сите граѓани на оваа држава без исклучок се рамноправни и како физички и како правни лица во правниот промет во државата и оти тој никогаш во минатото не коментирал приватни животи или приватни инвестиции на кого било, како што за него прави опозицијата.
– Јас никогаш не сум коментирал, на пример, дека брачен другар на сопственик на медиум има добиено 1,4 милиони денари за спроведување на проект со државно финансирање. Затоа што верувам дека тоа било спроведено согласно законските постапки. Никогаш не сум коментирал кога сопственик на медиум ќе добие 50 милиони евра државни набавки, затоа што верувам дека тоа било направено согласно законски процедури. Јас исто така, никогаш не сум коментирал кога дете, на пример на амбасадор, на поранешен амбасадор, на министер, поранешен министер, ќе добие финансирање за да студира на еден од најдобрите светски универзитети од државата, затоа што верувам дека постапката била запазена. Исто така, не сум коментирал кога брачен другар на министер ќе добие финансирање од национален медиумски сервис во износ од над 100.000 евра за да произведува одредена програма, бидејќи сум верувал дека тоа било направено согласно законски постапки. Но, не сакам да верувам во нешто што имам слушнато дека поранешен министер во поранешна Влада покрај платата што ја примал добивал и пари во кеш за да ја извршува својата функција – кажа Ковачевски.
Тој додаде дека тоа се однесува за секој функционер кој има удели а е дел од Влада или од друга институција. Ковачевски вели дека има удел и во друга голема компанија.
– Меѓутоа, таа како и секоја друга компанија има право врз основа на закони да учествува во правниот промет во државата заедно со сите други правни лица. Што се однесува до овој конкретен случај, прво уредбата за определување на цените на земјиште е објавена на 17 октомври 2013 година, донесена од страна на влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Значи оваа Влада не носела никаква уредба за определување цени – рече тој.
Ковачевски вели дека Општина Радовиш има преземено надлежности за располагање со градежно земјиште во државна сопственост на 6.12.2012 година, во време на влада на ВМРО-ДПМНЕ и дека сега е раководена од градоначалник предложен од ВМРО-ДПМНЕ.
– Јас бев обвинуван од опозицијата дека во време на најголема енергетска криза моето семејство односно член на мое семејство поседува удели во компанија која што продава струја. Со ова се потврдува дека член на моето семејство поседувал удел пред да станам премиер во компанија која нема изградено централа и не продавало струја по 500 евра мегават час. Таа лага ја демантираме. Второ, она што никој не сака да го каже на утринските соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ, е дека таа компанија ако некогаш изгради централа, централата ја прави на приватно земјиште. Ова што е пред мене е пристапен пат за да се стигне до таму. Сите законски одредби се запазени на многу транспарентен начин исто како и за сѐ друго – вели премиерот.
Во однос на тоа зошто е потпишан вицепремиер на документот, Ковачевски вели дека кога бил информиран дека ќе има таква точка, тој не присуствувал на седницата на Влада и со неа раководел вицепремиер.
– На седница на Влада оној кој раководи со точката, тој ја потпишува одлуката која што се носи во време кога раководи со точката. И затоа можете да видите дека има одлуки на Влада, кои се потпишани од претседател на Влада, меѓутоа има одлуки што се потпишани од другите вицеппремиери, доколку претседателот на Влада не бил присутен на седницата кога одредена точка се расправала или доколку не бил присутен на целата седница на Влада – рече Ковачевски.