На Клиниката за кардиохирургија во Ниш, Србија, тим од лекари и други медицински работници работеа 12 последователни викенди без плата и ја постигнаа својата цел: нема повеќе време на чекање за операција на срцето и крвните садови.
За операциите на срцето и крвните садови, за кои пациентите требаше да чекаат три до четири, а понекогаш и шест месеци, сега веќе нема периоди на чекање.
Според српските медиуми, тим од лекари и други медицински работници на Клиниката за кардиохирургија во Ниш, Србија, 12 последователни викенди работеле без плата. По речиси 100 дена работа стигнаа до целта – веќе нема редици.
Како што напиша на својот Фејсбук профил директорот на клиниката д-р. Драган Милиќ сега се враќаат во нормалниот работен режим, а новите пациенти ќе бидат оперирани најдоцна за 5 до 15 дена.
Горд сум на целиот персонал на клиниката, кој упорно и несебично го издржа крајно напорното темпо на работа и го исполни ветувањето дека ќе ги елиминираме редовите на чекање“, нагласи Милиќ. „Бидејќи работата за викендите не беше платена, докажаа дека има поважни работи од парите – а тоа е грижата за пациентот. Грижата за оние луѓе со кои живееме, кои можеби ќе ги сретнеме во градот и не ни сфаќаат дека им треба помош…“
Според Милиќ, на почетокот на годинава на листата на чекање имало 149 пациенти, а сега на списокот има 42. „За овие сто дена направивме 248 операции, а лани во истиот период 117. Во Само во март направивме неверојатни 98 операции!“ напиша и додаде дека лани во првите три месеци се хоспитализирани 145 пациенти, а годинава дури 353.
Двојно е зголемен и бројот на амбулантски прегледи: годинава во првите три месеци од годинава биле прегледани 3.014 пациенти, наспроти 1.467 лани. „Само смртноста остана иста, под 2 отсто (1,98%), вклучително и итните случаи“, напиша Милиќ, нагласувајќи дека ниту еден од пациентите опериран за време на викендите не починал. Така, тој ги отфрли тврдењата дека квалитетот на работата ќе се влоши поради полошата концентрација на медицинскиот персонал при работа за време на викендите. „Оваа претпоставка не се покажа како точна“, убеден е Милиќ.
Воедно, тој им се заблагодари и на надлежните во болницата кои им обезбедија доволно потрошен медицински материјал за да се постигне целта, „и покрај тоа што никогаш не добивме официјално одобрение за оваа дополнителна работа“.
д-р. Милиќ, исто така, се надева дека властите ќе ја наградат клиниката со набавка на многу потребната опрема, особено апарат за екстракорпорална циркулација на крвта, бидејќи имаат само еден. Тие бараат и дополнителен кадар со цел дополнително да го прошират бројот и видот на услугите за пациентите. „Ова го заслужуваат жителите на Ниш и јужна Србија, како и персоналот на нашата клиника“, нагласи тој.
„Среќен сум што нашите пациенти добија нова можност да уживаат во животот со своите најблиски“, напиша тој, додавајќи дека, секако, дури и во случај на голем прилив на пациенти во иднина, тие повторно ќе работат без плати за време на викендите.