Заложничката криза во која маж со часови држеше жена во заробеништво во стан во местото Кнежево денеска во раните утрински часови заврши без жртви, информира полицијата, пренесува Индекс.хр.
„Лицето е уапсено, се води кривична истрага, немаме повредени“, соопштија од осијечко-барањската полиција.
„Можам да кажам дека на крајот сѐ добро се заврши. Малку необична ситуација за мало место во Барања. Машко лице држеше во заробеништво женско лице. Имаше полициска акција, мало село, и многу служби на терен. Она што можам да кажам е дека полицијата преговарала со лицето и во 02:40 часот лицето доброволно се предало. Жената е добро, во станот е извршен увид, службите си ја завршиле работата за да се реши ситуацијата на најдобар можен начин“, изјави градоначалникот на општина Кнежево, Зоран Контак.
Заложничката криза била пријавена во неделата во 17:56 часот, а на терен биле сите итните служби, вклучително и преговарачи, припадници на специјалната полиција и итната медицинска помош.
Мажот со часови ја држел приведената жена во станот, заканувајќи се дека ќе активира експлозивна направа, па поради тоа сите соседи биле евакуирани.
Медиумите претходно објавија дека мажот во станот го држел заробен својот малолетен син, кого во меѓувреме го ослободил и дека наводно му се заканувал со плинска боца и со експлозивна направа. ХРТ пишува дека мажот и претходно и бил познат на полицијата за насилство.
За евакуираните станари од околните станови, кои не можеа да најдат сместување кај роднините и пријателите, беше обезбедено алтернативно сместување во центарот на заедницата во Кнежево.