Во Германија, по повеќе од три години, заштитните мерки против пандемијата на коронавирус истекуваат во сабота, но политичарите предупредуваат дека коронавирусот сè уште претставува ризик по здравјето.
„Мерките се укинуваат, но тоа не значи дека коронавирусот исчезна. Внимателноста и набљудувањето на ситуацијата на терен продолжуваат да бидат инструменти на политиката на заштита од заразни болести“, изјави Јанош Дахмен, портпарол на владејачката партија Зелени за здравствена политика.
Од сабота престануваат да важат последните мерки како што е обврската за носење FFP2 маска во здравствените установи и домовите за стари лица за посетителите. Овие институции можат сами да одлучуваат за правилата за носење маска.
Од 8 април ќе престанат и ограничувањата за влез во Германија поради пандемијата на коронавирус.
Мерките како обврската за носење маски во јавниот превоз беа укинати уште во февруари.
Правилата за вакцинација против коронавирусот се префрлаат од вонредна состојба на редовен здравствен систем.
Во Германија секој ден сè уште се регистрираат неколку илјади нови случаи на инфекција со коронавирус.
Во четвртокот, според Федералниот институт за заразни болести, Институтот Роберт Кох, во Германија се регистрирани 3.136 нови случаи на инфекција во споредба со претходниот ден.
И покрај ова, министерот за здравство Карл Лаутербах минатата недела рече дека пандемијата во Германија е „успешно надмината“.