Вицепремиерот Артан Груби е координатор на активностите поврзани со Коридорот 8 бидејќи потребна е поголема и посилна координација, еден виде надзор, поддршка, објасни Бојан Маричиќ на денешната пресконференција со српската министерка за евроинтерграции.
– Тоа што Владата одлучи вицепремиерот Артан Груби да биде координатор на активностите поврзани со Коридорот 8 значи дека има потреба од посилна координација затоа што има надлежности коишто припаѓаат на Министерството за транспорт и врски, тие се бројни и тие никој не му ги одзема. Напротив, ќе ги спроведува Министерството за транспорт и врски. Но, исто така, има многу процедури и акции коишто треба да се преземат во однос на меѓусебна комуникација на институциите, дозволи, процес на експропријација. Навистина има многу работа во тој проект и затоа еден од вицепремиерите е задолжен да го следи спроведувањето и да биде еден вид на надзор и поддршка на тој процес и тоа не е првпат и тоа не е ништо чудно – одговори Маричиќ на новинарското прашање.
Коридорот 8, потенцира тој, „е најважниот инфраструктурен проект на оваа Влада и сите вложуваме максимални напори тој да успее“.
– Затоа мислам дека е екстремно важно сите членови на Владата од свој аспект да бидат вклучени во овој проект. Ниту еден член не треба да биде чудно, кој било член на Владата да се вклучи дополнително со екстра напор во спроведување на овој проект – рече Маричиќ.
Во однос на евентуални коруптивни дејства, посочи дека за тоа има институции како Државната комисија за спречување корупција, Јавното обвинителство коишто треба да го кажат своето.
– За Владата ова е најважниот инфраструктурен проект којшто треба да исполни еден европски коридор од Јадранското Море па до Црното Море – додаде Маричиќ.