За прв пат во историјата на независна Македонија погазена е судската хиерархија. Се игнорира Законот за судови, токму од оние кои се најодговорни за неговото почитување.
Вчера стручната јавност и медиумите останаа вџашени кога пристигна соопштение од Основниот кривичен суд Скопје, во кое Судот, надвор од надлежностите кои ги има по закон, навлезе во ингеренциите на Апелациониот суд и на Врховниот суд и почна да дели наредби и препораки како да се водат предметите во втор степен.
Соопштението на Основниот суд не е потпишано од претседателот на судот, но според информациите до кои дојдовме, не е одржана седница на судиите на која би се разгледале прашањата од општо значење за работата на судот и би се донела одлука дали да се реагира јавно на одлуката на Апелација и дали да се користи ваков или посоодветен вординг.
Според наши сознанија, одлуката да се реагира со соопштение на пресудата на Апелација во врска со предметот против обвинетите за организација на настаните од 27 април, била токму на претседателот на судот.
Голем дел од судиите кои судат во Кривичниот суд се изненадиле, како од соопштението, така и од вордингот во него. Како што ни кажаа наши извори, тие меѓу себе изразиле незадоволство од ваквата комуникација со повисокиот суд, што ја сметаат за недолична и недозволива.
За потсетување, вчера претседателот на Основниот суд на Апелација ѝ порача брзо и мериторно да одлучувала, да не му враќала назад предмети кои биле испратени некомплетни и ја искара дека таму се одлучувало помалку транспарентно отколку во прв степен.
Во соопштението е искаран и предупреден и новиот министер за правда, но Основниот суд си презеде и улога и на уредник, па на медиумите им препорача што точно да анализирале, за да утврделе зошто тоне довербата во судството.
Анализа на Законот за судови вели дека Основниот суд излегол од ингеренциите
Законот за судови јасно вели дека „судовите се должни меѓусебно да си укажуваат правна помош, а судот од повисок степен може да бара од судот со понизок степен од своето подрачје податоци во врска со примената на законите, проблемите кои се јавуваат во судењето, следењето и воедначувањето на судската практика, оддолжување на постапката по одделни предмети и други податоци, а може да изврши и друг увид во работата на тие судови, како и да одржува заеднички состаноци заради разгледување на наведените прашања“.
Никаде во Законот за судови не е пропишано дека се укинува двостепеноста на постапката, која им е гарантирана на странките, а уште помалку дека првостепениот суд има овластувања да ја оценува работата на второстепениот суд.
Кога ќе се соберат два и два, станува јасно дека Основниот суд не го почитувал законот и излегол надвор од ингеренциите. Бидејќи јасно е дефинирано дека апелационите судови се надлежни да решаваат по жалбите против одлуките на основните судови од своето подрачје.
Законот точно ги определува и ингеренциите на претседателот на судот, кој го претставува судот, ја организира работата и презема мерки заради навремено и уредно вршење на работите во судот. Тој треба да ја обезбедува примената на Судскиот деловник, да го утврдува распоредот на работите во судот по претходно прибавено мислење од седницата на судиите и општата седница на Врховниот суд и согласно тие распореди да се определи заменик или претседатели на специјализираните судски оддели и совети.
Нашата анализа покажува дека претседателот нема овластување да коментира пресуди на повисок суд и да дава насоки како тој повисок суд би требало да одлучува по жалбите на пресудите на понискиот суд.
Доколку сепак сметал дека оваа пресуда на Апелација се разликува од некоја друга и директно влијае на работата на основниот суд, тогаш претседателот по законот може да свика седница на судиите.
Седницата на судиите, по законот, ја сочинуваат сите судии во судот. На седница на судиите се разгледуваат прашања од општо значење за работата на судот, но и се утврдува програма за работа и се дава мислење за годишниот распоред за работата на судиите и се разгледува годишниот извештај за работата на судот и на Судскиот совет.
Од соопштението на Основниот кривичен суд Скопје не разбравме кога се одржала седница на судиите и каков е исходот на таа седница. Од наши извори во овој суд, дознаваме дека таква седница не се одржала и не е усогласено никакво соопштение до јавноста.
Дали Судскиот совет ќе се позанимава со испадот на Основниот суд?
Угледот на судовите и довербата во судството го допреа дното. Рејтингот на судството падна на мизерни 3%, а многу веројатно ќе продолжи да тоне и понатаму, доколку и другите претседатели на основни судови почнат јавно да ги напаѓаат одлуките на повисоките судови на нивните апелациони подрачја. Ова би било вовед во хаос, кој би можел да кулминира со напади од Апелација кон Врховниот суд, или со тотално непочитување и на Уставниот суд.
Единствен надлежен да го спречи целосното девалвирање на судската власт е Судскиот совет. Но, засега нема никаква реакција од оваа институција за чудната јавна преписка меѓу двата скопска суда, што ја почна претседателот на понискиот суд, делејќи ѝ лекции на Апелација.
Подолг период кружат информации дека претседателот на Основниот суд е поблизок со неколку судии во судот, во чиишто раце завршуваат повеќето предмети против поранешни функционери на сегашната опозиција и на други луѓе што не се по волја на власта. Овие предмети се прифаќаат и се туркаат без разлика на основаноста на обвиненијата. Имало или немало докази, се носат осудителни пресуди со чудни казни, а потоа следуваат жестоки и оркестрирани реакции во некои медиуми, кога ваквите предмети Апелација ги враќа во повторена постапка.
И додека едни предмети се форсираат, други предмети се закажуваат на два или три месеци и се повторуваат по повеќе пати. Во кулоарите наголемо се шират шпекулации кој ургирал за кој предмет, кој е на брза а кој на бавна лента и кој што може да очекува на крајот на процесот. Судскиот совет, барем засега, не покажува интерес за да ги провери овие информации, оставајќи ги сомненијата за двојните аршини на судиите нерасчистени.
Како и да е, Апелација вчера се обиде да ја сочува честа на судството, одговарајќи на прозивката од Основниот суд, објаснувајќи дека судовите не смеат да си лоцираат вина еден во друг, а дека на Апелација е да дава напатствија кон првостепениот суд, а не обратно.
„Ставот на Кривичен суд е нивни. Но, против одлуката на Апелација – нема што да се изразува став. Судовите не можат да комуницираат на тој начин, да лоцираат вина еден во друг. Апелација по закон има овластување да донесе пресуда односно решение, да укине пресуда, да даде напатствија, да образложи“, се вели во соопштението на Апелациониот суд.
Нашите извори велат дека во позадината на ова препукување, всушност, стои уште еден обид на поранешни и сегашни политички структури да го задржат влијанието во двата суда, а посебно во Основниот кривичен суд Скопје. Нивното влијание во Јавното обвинителство се уште е многу силно, но во судовите се менуваат нештата. Има судии кои се плашат и натаму да судат под притисоци и да исполнуваат политички нарачки, свесни дека на Македонија ѝ претстојат политички промени после кои можеби ќе се постави и прашањето на одговорноста за хаосот во правосудството.