Арапската лига соопшти дека попладнево ќе одржи итен состанок поради интервенцијата на израелската полиција на џамијата Ал Акса во Ерусалим. Јордан повика да се одржи состанок во координација со египетските и палестинските претставници. Арапската лига претходно го осуди нападот врз верниците во џамијата Ал Акса извршен рано изутрината.
Израелската полиција изутрината нападна десетици верници во џамијата Ал Акса во Ерусалим, според изјавите на сведоците, палестинските власти и полициското соопштение.
Полицијата соопшти дека интервенцијата била одговор на претходните немири и дека биле принудени да влезат во комплексот откако маскирани екстремисти се заклучиле во џамијата со пиротехнички средства, стапови и камења.
„Кога полицијата влегла во објектот, поголема група демонстранти гаѓале со камења и фрлила пиротехнички средства од внатрешноста на џамијата“, се вели во соопштението и се додава дека полицаец е повреден во ногата.
Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека седум Палестинци биле повредени со гумени куршуми и за време на физичка пресметка со израелската полиција во комплексот на џамијата Ал Акса.
Инцидентот предизвика протести низ окупираниот Западен Брег, а израелската војска соопшти дека девет ракети биле истрелани од Газа кон Израел, откако сирените се активирале во јужните градови. Во соопштението се прецизира дека биле пресретнати најмалку четири ракети, а четири паднале на отворени подрачја.