Вработените од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и во Агенцијата за филм и денеска, како и претходните неколку дена, протестираа пред Владата. Тие преку мирен протест изразуваат незадоволство поради, како што велат, нивните недостоинствени месечни примања.
Како што наведуваат, во Министерството за култура и Управата за заштита на културно наследство, платите на речиси 70 отсто од вработените се под просечната плата во државава, а разликата со платите на вработените на истите позиции во установите од областа на културата била и по 10.000 денари.
Вработените во овие три институции бараат покачување на платите по примерот на вработените во Министерството за финансии, кои со закон се зголемија за 30 проценти.
Идентитетот на државата е културата, а лицето на Владата е администрацијата. Ние сме можеби мала, но значајна алка за да врват работите, порача тој во името на сите што протестираат – изјави Бранко Костоски, претседател на Синдикалната организација при Министерство за култура на УПОЗ.
Трпе Деаноски, претседател на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ), рече дека протестот се проширува и дека во него сега се приклучиле и вработени во Државен завод за статистика, министерствата за животна средина, земјоделство, транспорт и врски. Протестот веќе не бил само на вработени во култура, туку и за сите административни службеници што се во опфатот на синдикатот на УПОЗ.
– Вчера колегите од земјоделство кажаа. Ако не се покачат платите по примерот на Министерство за финансии, веќе субвенции нема да се делат – најави Деаноски, нагласувајќи ја важноста од работењето на сите оние вработени што сега протестираат.