Обвинителката Вилма Русковска во емисијата Топ Тема на телевизија Телма тврди дека предлогот за нејзино разрешување е резултат на истрагата што таа како шефица на Обвинителството за борба против организиран криминал и корупција ја отворила за Драги Рашковски кој беше генерален секретар во Владата на Зоран Заев.
Имала притисок и закани да се откаже од шефовското место, а за возврат и било понудено да стане заменик републички јавен обвинител. Со овие понуди, како што рече таа, „сакаа да ме фатат на пенал, а тоа е почнувањето предистрага за тогашниот директор на Финансиската полиција, Арафат Муареми“.
Русковска претпоставува дека со понудата на тие повисоки функции, ако таа ги прифатела, можеби ќе требала и да ја повлече односно да се откаже од истрагата за случајот со Рашковски.
– Можеби и тоа беше причината, тогашниот премиер и јавно кажа дека не ми верува мене кога станува збор за овој предмет. Кога бевме сега на дисциплинската комисија, јас го предложив професорот Калајџиев, за сведок-експерт, бидејќи таму се наведува дека сум сторила повреди на Законот за кривична постапка, а Калајџиев кој бил дел од Законот за кривична постапка, да каже дали јас навистина сум го сторила тоа дело. Но, не беше прифатен како сведок. А како докази за дисциплинската постапка беа наведени само претставките од Арафат Муареми – вели Русковска за Телма.