More

    Замрзнувањето на цените на зеленчукот опасно за домашното производство

    spot_img

    Затворање и на последните 3 активни оранжерии и замирање на градинарското производство во земјава ќе предизвика замрзнувањето на цените на раноградинарските култури што го направи владата, бидејќи конкуренцијата е во далеку поповолна состојба, а домашното производство ќе мора да се продава под производната цена поради непазарното однесување на владата. Дополнително, граѓаните ќе добијат пониска цена од неколку денари на зеленчукот само за празниците, а потоа повторно ќе бидат прпуштени на дивеењето на цените, велат од Групацијата на оранжериско и пластеничко производство на Стопанската комора, земјоделци и опозицијата.

    Според нив, владата продолжува да носи антипазарни мерки само за да покаже дека мисли на граѓаните, наместо да контролира и спречи што се случува на пазарот.

    – Владата уште со укинувањето на прелевманите за увоз на градинарски производи и со договорот за бесцарински увоз во земјите од Западен Балкан го уништи домашното производство, а со оваа мерка веќе го докрајчи оранжериското и градинарското производство во земјава кое од година во година се намалува. Нерешени се низа состојби кои придонесоа да има сè помалку работна рака, а трошоците на производство да растат – велат од Групацијата на оранжериско и пластеничко производство.

    Според нив, од 15 оранжерии годинава се активни само 3, a и тие имаат енормно високи трошоци во производството кое со вака ограничена цена нема да можат да ги покријат, а уште помалку да преживеат.

    – Сведоци сме дека во текот на оваа производна година репроматеријалите поскапеа за 50 отсто, енергенсите, вклучувајќи ја и струјата поскапеа 4 пати. Оранжериското производство не може да ги издржи овие влезни трошоци, а губи во конкуренцијата од Албанија, Грција и Турција уште на стартот, бидејќи, поради климатските поволности тамошните оранжерии не користат енергенси за затоплување, а субвенциите се повисоки. Нивниот производ во старт е поевтин, а дополнително со увозните поволности станува многу поконкурентен од домашното производство. Тоа, но и владините мерки, придонесоа во изминатите години да стасаме до учество на пазарот на домашното производство само од 10% каде што доминира увозниот градинарски производ. Градинарското производство секоја година опаѓа поради високите трошоци, климатските промени и од недостиг на работна сила, а субвенциите за раноградинарското производство се ниски. Тоа може да се види во практика каде што висината на годишните субвенции за оранжериите се трошат за загревање само за една ноќ на една оранжерија – велат од Групацијата.

    Оттаму додаваат дека владата противуставно и непазарно ги замрзнува цените на градинарските производи и без нивно учество во процесот.

    – Владата, ако сака да ја регулира цената на градинарските производи тогаш треба да го откупи целокупното производство по производна цена, плус заработка, па потоа да утврдува цена каква што сака. Вака како што го прави само му наштетува на производството бидејќи го нарушува целиот систем – велат од Групацијата.

    И земјоделците се жалат дека производството ќе мора да го дадат за многу ниска цена бидејќи производната цена е многу повисока од онаа што ја пресметува владата.

    – Зошто владата не го консултира земјоделецот за производната цена на секој градинарски производ. Не знаеме врз основа на кои количини се направени пресметките, бидејќи нашите пресметки се далеку повисоки. Производството на домати и краставица во оранжериско и пластеничко производство се далеку повисоки, бидејќи трошоците поради ладната клима се повисоки за енергенсите. Дополнителното греење, секако, влегува во овие трошоци. Ваквата политика на владата само дополнително придонесува за откажување од овој вид производство, па може да се случи и пластеничкото производство да го немаме во земјава – велат земјоделци.

    Тие додаваат дека производната цена на доматот е 150 денари, а она што се случува на пазарот со пролетната зелка е загрижувачко. Првиот откуп е по 25 денари за килограм, но поради ладната зима производството е намалено .

    – Ова говори дека сме оставени повторно на желбата на откупувачите кои ја користат приликата да набават евтин производ, а да го продадат за многу висока цена. Во овој случај не само ние, туку и граѓаните се оштетени. Затоа бараме владата да се позанимава со оваа појава и да не дозволува веќе некој да заработува на нашите грбови – вели земјодлец од Струмичко.

    Поранешниот заменик министер за земјоделство Цветан Трифуновски смета дека владата оваа мерка требаше да ја донесе два месеци порано, а не во екот на достасување на домашното производство. Но, вели тој, за владата беше потребна сега за да им се каже на граѓаните дека за празниците ќе имаат поевтин зеленчук.

    – Задоцнета мерка е замрзнувањето на цените на зеленчукот. Владата требаше уште во февруари да ги замрзне маржите на увезениот зеленчук. Сега кога стасува домашното производство замрзнувањето на цената директно ќе ги засегне домашните производители, кои поради високите трошоци на производство и ниските продажни цени нема да заработат ништо. Сè им беше скапо во текот на производниот процес. Почнувајќи од семенскиот материјал, ѓубривата, нафтата … но скапа им е и работната рака. Дополнително, ниту граѓаните нема да добијат поевтин зеленчук, зашто досега веќе го купуваа скапо, а намалувањето од 10 денари нема да им помогне пред празниците. Веројатно и по завршување на мерката цената ќе се зголеми и нема многу да им помогне во домашниот буџет – вели Трипуновски.

    Според него, владата, наместо да ги замрзнува цените, треба да се фокусира на спречување на огромната разлика на цената од производител до трпеза и да спречи некој да се богати на грбот на земјоделците.

    – Имаме состојба кога зелката се откупува за 8 денари, а во маркетите ја има за 30 денари. Новата реколта на зелка која стаса за откуп има цена од 20 денари, а во маркетите ја купуваме за 60 и повеќе денари. Тоа треба да се реши. Да не заработува некој од трудот на земјоделците кој очигледно е дека не се вреднува – вели тој.

    Земјоделците се жалат дека маркетите ниту пак пазарџиите не купуваат производи директно од нив, туку од прекупци кои диктираат ниски цени на производот, а го пласираат за повеќекратно повисока цена.

    И пазарџиите велат дека владата мора да го реши проблемот со големите дистрибутери на раноградинарски производи кои ги надградуваат цените.

    – Пазарџиите на тезгите не ги утврдуваат цените сами на овие производи. Скапо ги набавуваат од големите дистрибутери и затоа скапо ги продаваат. За нив не е проблем со пониска цена да продадат 80 килограми дневно наместо само 50 килограми по повисока цена. Ние меѓусебно си конкурираме. Ако соседната тезга има пониска цена и ти мораш да ја спуштиш и обратно. Сами утврдуваме цена само на производ кој го нема на пазарот – вели Екрем Долек, претседател на Комора на пазарџии.

    Владата денеска ги замрзна цените на 11 видови овошје и зеленчук. Одлуката, со која се опфатени доматите, краставиците, кромидот, карфиолот, пиперот, гравот, леќата, бананите, портокалите, мандарините и лимонот, ќе важи од 5 април до крајот на месецов.

    Како што соопшти министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција, свежите домати ќе чинат максимум 70 денари, краставиците 75, кромидот 60, карфиолот 70, пиперот 90, гравот 75, леќата 110, бананите 70, портокалите 55, мандарините 60 и лимонот 55 денари.

    И граѓаните не се задоволни од замразите цени на зеленчукот.

    – Добро е што се намалени цените, но како и со макароните, и овие цени се намалени незначително. Всушност, ова намалување ќе важи само за празниците. Потоа не се знае каде ќе одат цените. На пазарот, ниту во маркет нема наши производи. Мора да купуваме втора класа која во основа треба да биде поевтина. Според тоа, не е многу важно колку поевтин ќе ни биде ручекот за Велигден или Бајрам, туку е важно дали владата ќе успее да ги запре тие што трупаат пари на сметка на земјоделците и на граѓаните – вели Анастасија од Скопје.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img