Кинеските научници развија имплантирачка и самонаполнета батерија која помага во уништување на клетките на туморот со регулирање на микросредината која го поддржува растот на туморот.
Студијата, објавена во саботата во списанието Science Advances, објаснува како батеријата, во комбинација со пролекот тирапазамин, можела да го намали обемот на туморот во просек за 90 отсто во рок од две недели, елиминирајќи ги туморите кај четири од пет лабораториски глувци.
Тирапазамин е експериментален биоредуктивен лек против рак кој се активира на токсичен радикал само при многу ниски нивоа на кислород (хипоксија), а пролекот е биолошки неактивна супстанција додека не стигне до телото, каде што се трансформира во биолошки активен лек преку метаболизмот.
Тим на истражувачи од Универзитетот Фудан дизајнирал имплантиран уред кој се состои од биокомпатибилен полиимид на база на карбонил и метален цинк.
Таквата батерија успева да формира циклус на празнење и само-полнење и овозможува кислородот да се троши рамномерно во туморите на глувците.
На овој начин, и содржината на кислород и нивото на pH се регулирани во туморот.
Студијата покажа дека батеријата го оптимизирала ефектот на тирапазамин кога посредувал во уништувањето на туморите кај глувците. Имено, овој пролек ја користи состојбата на туморот осиромашена со кислород за селективно да ги уништи хипоксичните клетки, односно оние со недостаток на кислород.
Истражувањето исто така покажа дека батеријата може да се користи како ефикасен регулатор на микросредината на туморот за антитуморна терапија, изјави Џанг Фан, професор на Универзитетот Фудан и еден од авторите на студијата.
Научниците истакнуваат дека во текот на истражувањето не биле забележани абнормални промени во телесната тежина ниту на кожата, ниту на главните органи на глувците, што укажува на безбедноста на батеријата во лабораториските истражувања in-vivo.
„Оваа работа е комбинирана студија која користи технологија за батерии и биотерапија. Не само што е нов метод за лекување на туморот, туку поставува и преседан за батериите во биомедицински апликации“, вели Ксија Јонгјао, професор на Фудан и еден од авторите на студијата.