На 4 април со почеток во 20 часот на сцената на Македонскиот народен театар по 19 пат ќе се одржи свеченото отворање на Танц фест на кој ќе се изведе претставата на Кодартс танцовата компанија „Таленти во движење“.
Современиот танц е уметноста на 21 век, па за таа цел Бордот на фестивалот Танц фест 2023 ја додели наградата МЕНАДА за поддршка на современиот танц на Универзитетот „Кодартс“ од Холандија и на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Македонија, бидејќи овие две високообразовни институции им ја даваат можностите на младите оформување на современата танцова сцена кај нас.
– Сметаме дека е исклучително значајна работата на двата универзитета, нивниот сенс и однос кон современата култура, со посебен акцент на квалитетот на наставата, извонредната продукциска програма која им ја овозможуваат на студентите. Академијата за современ танц при Кодартс универзитетот во 2008 година потпиша Меморандум за соработка со Интерарт културниот центар и Рисима Рисимкин, со која во 2010 година започна со работа – Скопје танцовата академија, прва образовна програма на универзитетско ниво за современ танц во земјава. Оваа соработка, во која Кодартс за прв пат во својата историја, долга преку 80 години постоење, дозволи споделување на наставните програми на универзитетот, и беше поддржана од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје. Со тоа се овозможи исклучителен развој на млади уметници, танчери и кореографи, кои кај нас се едуцираат на европско ниво, а програмата привлекува и странски студенти. Оваа програма е прогласена за најдобар проект кој Амбасадата на Кралството Холандија го поддржала во областа на културата кај нас. Универзитетот „Гоце Делчев“ покажа исклучително чувство за уметничките современи форми и даде своја поддршка за развојот на современиот танц во земјава, преку оформување на Катедрата за современ танц на Филмската академија, програма која беше поставена во соработка со Холандија. Воедно, во заеднички заложби со професорката Рисимкин, се обезбедија и просторни услови и катедрата работи во просториите на Домот на АРМ во Скопје, со што се заокружува формирањето на оваа програма – велат од Бордот.
Студентите на Катедрата за современ танц својата пракса ја изведуваат во рамки на програмата и продукциите на Скопје танцовиот театар, со што се дел од висококвалитетни продукции и настапуваат во земјава и на интернационално ниво. Кодаратс танцовата компанија, работи во соработка со еден од најзначајните светски танцови фестивали и гостува низ Холандија и на интернационално ниво.