Украинскиот град Бахмут е во центарот на повеќемесечните битки, а Русија и Украина тврдат дека му нанеле големи загуби на противникот.
И покрај тоа што некои воени аналитичари сугерираат дека градот е стратешки незначаен, поразот таму може да го принуди украинскиот претседател Володимир Зеленски на компромис со рускиот претседател Владимир Путин.
Самиот Зеленски рече дека загубата на Бахмут ќе го „истроши нашето општество“ и ќе и дозволи на Русија „да ја продаде оваа победа на Западот, на своето општество, на Кина и Иран“, пренесува Sky News.
„Ако почувствува малку крв, мириса дека сме слаби, ќе турка, турка, турка“, рече тој.
„Нашето општество ќе се чувствува уморно. Нашето општество ќе ме принуди на компромис со нив“, додаде Зеленски.
Тој предупреди дека загубата каде било може да го загрози моментумот на Украина. „Не можеме да губиме чекори бидејќи војната е пита направена од парчиња победа. Мали победи, мали чекори“, рече тој.
Украинските и руските власти не се согласуваат околу тоа дали Русија постигнала некаков напредок во Бахмут.
Генералштабот на вооружените сили на Украина соопшти дека немилосрдните руски напади биле одбиени, но Денис Пушилин, назначен од Русија началник на регионот Доњецк, рече дека повеќето украински сили се повлекле од фабриката за метал во западниот дел на градот.