САД ќе испратат оклопни возила „Страјкер” во Бугарија, соопшти денеска премиерот Кирил Петков по средбата со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин, кој е во посета на Софија. Тие се сретнаа на Министерскиот совет, а по разговорите беше нагласено дека не разговарале за можноста Бугарија да испрати каква било воена опрема или муниција во Украина.
– Ова е силен сигнал до сите наши сојузници во НАТО. Се надевам дека другите земји ќе испратат свои елементи во бугарската борбена група – рече Петков. Тој посочи дека групата ќе биде под команда на врховниот командант на НАТО за Европа, а Бугарија ќе предложи нејзиниот командант да биде Бугарин.
– Ние сме сојузници и заедно ја зајакнуваме нашата одбрана – рече Петков, заблагодарувајќи му се на Остин.
Премиерот уште еднаш потврди дека во оваа фаза Бугарија на Украина ѝ дава само хуманитарна помош, како и помош за украинските бегалци кои пристигнаа во земјата.
– Бугарија ќе продолжи да прави сѐ што е можно за да ја поддржи Украина во оваа војна, но бидејќи е толку блиску до конфликтот, воената помош за Украина нема да биде можна – рече тој.
Американскиот секретар за одбрана му се заблагодари на Петков за „лидерството што го презема Бугарија“ и изрази поддршка за создавање мултинационална борбена група, која ќе ја води оваа земја. По разговорите, Остин рече дека подобрувањето на воената подготвеност и интероперабилноста на Бугарија со НАТО е исклучително важно, бидејќи Европа се соочува со голем безбедносен предизвик.
– Затоа САД продолжуваат да стојат до Бугарија и нашите сојузници во НАТО. „Продолжуваме да работиме заедно за траен мир во Европа”, рече Остин. „Нашиот разговор беше фокусиран на тоа што можеме да направиме за зајакнување на источното крило и подобрување на интероперабилноста – рече тој по денешната средба со Кирил Петков.