Со измената и дополнувањето на Законот за враќање на дел од ДДВ на физичките лица се овозможи зголемување на максималниот износ на враќање на дел од ДДВ изразен во фискални сметки од 1.800 на 2.100 денари за едно тромесечје. Oва се измените што беа најавувани, и изгласани во Собранието и важат од 1 јануари 2023 година. Ова значи дека наместо досегашниот износ од 1.800 денари по лице, повратот на средства може да достигне 2.100 денари за едно тромесечје.
Првите зголемени суми, корисниците на апликацијата МојДДВ ќе ги добијат со исплатите во мај, за скенираните фискални сметки во првото тромесечје, односно за периодот јануари – март 2023 година. Максималниот износ што едно лице кое наполнило 15 години и редовно скенира фискални сметки, изнесува 8400 денари годишно за четирите тромесечја.
Мерката „МојДДВ“ започна да се применува од 1 јули 2019 година. Од почетокот на мерката МојДДВ, до денеска, на сметките на граѓаните преку оваа мерка легнале околу 6 милијарди денари. Како што соопштија од УЈП, во моментов оваа мерка ја користат 523.673 граѓани и бројот на корисници секојдневно расте, а мерката дава позитивни резултати и кога станува збор за издавањето на фискални сметки од страна на компаниите.