Скопските општини Центар и Карпош објавија јавен повик за субвенционирање на 30 отсто од цената за купување нов велосипед, електричен велосипед и електричен тротинет.
„Секој полнолетен жител на Општина Центар што ќе купи велосипед, е-велосипед или е-тротинет ќе може да добие субвенција до 3.000 денари. За доделување на субвенционирана помош потребно е да се достави пополнето барање за субвенционирање, копија од лична карта и трансакциска сметка, како и фискална сметка во оригинал за купен нов велосипед, е-велосипед или е-тротинет. Субвенционирањето трае се до исцрпување на средствата“, информираат од Општина Центар.
Оттаму додаваат дека барањата со комплетна документација потребно е да се доставуваат во архивата на Општина Центар, барака бр.6. По доставувањето на документите, подносителите ќе бидат известени за редниот број на поднесокот и субвенционирањето.
Од Општина Карпош велат дека за оваа акција имаат вкупен фонд од 700.000 денари кои се обезбедени од својот буџет. Локалната самоуправа ќе субвенционира до 30% од цената на купување на нов велосипед, или во максимален финансиски износ, најмногу до 3.000 денари, како и купување на електричен тротинет и електричен велосипед со субвенционирање до 30% од цената, односно најмногу до 5.000 денари.
„Во овој случај, право на субвенционирање во оваа акција ќе има секој полнолетен жител на општина Карпош, кој ќе купи нов велосипед или електричен тротинет и електричен велосипед започнувајќи од вторник (21.03.2023) година. Оваа акција ќе трае до исцрпување на предвидените финансиски средства, при што ќе важи принципот „прв дојден, прв услужен“, стои во соопштението до Карпош.
Во рамки на процедурата, апликантите за субвенции треба да ги достават следниве документи:
– Барање за субвенција за купување на нов велосипед или електрични тротинети и велосипеди,
– Изјава за согласност за обработка на лични податоци,
– Лична карта (фотокопија),
– Трансакциска сметка (фотокопија),
– Фискална сметка за купен велосипед или електричен велосипед и тротинет, кој е купен не порано од 21.03.2023 година (Вторник).
„Во оваа пригода ги известуваме жителите на Карпош кои веќе оствариле право на субвенција и добиле средства од Град Скопје за тековната година, дека немаат право да учествуваат по огласот. Инаку, граѓаните можат да аплицираат за субвении преку писмен и електронски пат. Имено, барањата со комплетната документација можат да ги доставуваат физички до архивата на Општина Карпош или пак електронски, преку мобилната апликација М-заедница (достапна за IOS и Android), како и на веб страницата mzaednica.mk при што е потребно секој од горенаведените документи да биде скениран и прикачен на соодветното место“, додаваат од Општина Карпош.