Ќе продолжиме со обезбедувањe социјална сигурност. Оваа година социјални надоместоци ќе добијат 300.000 граѓани, рече денеска министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.
Таа денеска посети две семејства во Крушево кои користат социјални услуги на локално ниво, а беше и во Дневниот центар за деца и младинци со попреченост. Во Домот, како што информира Министерството за труд и социјална политика, 15 деца и младинци секојдневно стекнуваат вештини за нивниот личен и општествен развој.
Министерката порача дека само преку јасни и конкретни инвестиции во сите граѓани, може да се очекува социјален развој.
– При посетата на двете семејства во Крушево се уверив дека преку социјалните услуги на локално ниво, инвестираме во сите граѓани. Политиките на Министерството се и ќе бидат насочени кон поголема социјална инклузија на лицата со попреченост во општеството, на рамноправна основа и еднаков третман – рече Тренчевска.
Семејството на Ружица Чоневски, кое згрижува две лица со попреченост – шестгодишно дете со Даунов синдром и 42 годишно лице со умерена попреченост, користи надоместоци за социјална услуга, посебен додаток, гарантиран детски додаток и образовен додаток за деца што се во редовна настава.
Министерката денеска во Крушево ја посети и градинката „Гонча Туфа“, која се наоѓа во истиот објект каде што е и Дневниот центар за деца и младинци.