Украина се воздржува да ја критикува Кина во врска со војната во Украина бидејќи претседателот Володимир Зеленски има „малку надеж за вистинска помош од Кина“, изјавил за Политико шефот на комисијата на украинскиот парламент, Александар Мерешко. Toa e различно од остриот тон кој украинските власти го имаат кога ја критикуваат Германија, или Унгарија, се вели во написот насловен „Јави ми се кога сакаш – Зеленски игра трпеливо со Си Џинпинг“.
– Постои страв дека ако почнеме да ја критикуваме Кина поостро, Пекинг ќе го искористи тоа како изговор да ја зајакне својата помош за Русија, па дури и да започне да ѝ обезбедува воена помош – изјавил Мерешко.
Тој објасни дека Киев го гледа Пекинг како можен потенцијален посредник во конфликтот. Сепак, Мерешко вели дека односите меѓу Украина и Кина достигнале кризна точка бидејќи Кина одбива да се дистанцира од Русија.
Кога Кина неодамна го објави својот мировен план со 12 точки, Зеленски изјави дека „може да работи на тоа со Кина“.
За делови од истиот договор збор ќе стане и на тет-а-тет средбите кои кинескиот претседател Си Џинпинг ги има во моментов со рускиот колега Владимир Путин.
Ќе има ли онлајн-средба меѓу Зеленски и Си Џинпинг по средбата на Си и Путин како што објави Вол Стрит Џурнал повикувајќи се на извори кои ја знаат агендата на Си? Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Вебин во својот одговор избегна да го открие ова.
– Би сакал да одговорам на вашето прашање од три гледни точки. Прво, Кина и Русија одржуваат блиски контакти на сите нивоа, немам што да известувам за оваа средба Си Џинпинг-Путин. Второ, позицијата на Кина за украинската криза отсекогаш била јасна, секогаш сме биле во контакт со сите страни. Трето, Кина отсекогаш се придржувала до надворешната политика насочена кон одржување на глобалниот мир и промовирање на заедничкиот развој.
Додека се чека можниот исход од овие средби, јапонскиот премиер Фумио Кишида во вторникот ненадејно отпатува во Украина за да се сретне со Зеленски. Ова ќе биде прва посета на Украина на азиска членка на групата Г7 и прва на американски сојузник во регионот.