Тајландските власти денеска соопштија дека метален цилиндар со радиоактивен материјал кој исчезна од термоцентралата овој месец е пронајден во фабрика за рециклирање лим и оти се чини дека нема општа закана за јавното здравје.
На 10 март од машина во електрана во провинцијата Прачинбури, 165 километри источно од Бангкок, исчезна мерниот цилиндар долг 30 сантиметри, кој го содржел радиоактивниот материјал цезиум-137.
Гувернерот на Прачинбури изјави дека траги од цезиум-137 биле откриени денеска во вреќи со прашина од топилница во леарница, на 10 километри од електраната од која е украден цилиндарот.
Гувернерот соопшти дека работата во топилницата е прекината, а извршен е увид на вработените и околните жители.
Здравствените власти рекоа дека медицинските досиеја за изминатиот месец во сите болници во покраината ќе бидат прегледани за да се види дали некои пациенти имале симптоми предизвикани од зрачење. Продолжен директен контакт со радиоактивен материјал може да предизвика осип на кожата, губење на косата, рани, замор и повраќање.
Краткорочно изложување на цезиум-137 можеби нема да покаже моментални симптоми, но може да доведе до поголем ризик од рак.
Исчезнатиот цилиндар, тежок 25 килограми, бил користен во електраната за мерење на содржината на пепел. Полицијата вели дека се сомнева дека цилиндарот бил украден за да се продаде како старо железо.