Собранието на денешната редовна седница со 76 гласа „за“ и еден „против“ го изгласа Законот за амнестија за прекршителите на полицискиот час и карантините за време на ковид-пандемијата.
Со овој закон на лицата изречената парична казна или заменетата казна затвор им се заменува со алтернативна мерка условна осуда, со која им се утврдува иста парична казна како изречената во правосилната пресуда и истовремено им се определува дека утврдената парична казна нема да се изврши доколку осудениот во рок од три години по правосилноста на решението за амнестија не сторат ново кривично дело.
Од 1 јануари 2020 година до 30 јуни 2022 година во Основниот кривичен суд скопје од страна на основното јавно обвинителство скопје поднесени се 967 казнени налози за член 206 од кривичниот законик. По овие казнени налози судот донел пресуда, со кои се осудени 1223 лица на парична казна од по 123.000 денари. Заради неплаќање на паричната казна основниот кривичен суд има донесено 280 заменски решенија, со кои спрема 280 лица паричната казна е заменета со казна затвор. По истите овие решенија издадени се 205 упатни акти за издржување на казна затвор.
Со 84 гласа „за“, ниту еден против и воздржан пратениците го изгласаа Предлог на законот за дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија, по скратена постапка.
Собранието во рамки на денешната седница констатира дека Барањето за давање на автентично толкување на член 86 став (1) од Законот за управни спорови, поднесено од пратеникот Јован Митрески не е оправдано и нема потреба од автентично толкување на член на овој закон поради причините содржани во извештајот на Законодавно-правната комисија на Собранието. Овој заклучок заедно со извештајот на Законодавно-правната Комисија на Собранието да се достави до пратеникот Јован Митрески.
Исто така, Собранието констатира дека Барањето за давање на автентично толкување на член 1, 8 и член 9 од Законот за трансформација во редовен работен однос, поднесено од пратеникот Хусни Исмаили не е оправдано и нема потреба од автентично толкување на член на овој закон поради причините содржани во извештајот на Законодавно-правната комисија на Собранието. Овој заклучок заедно со извештајот на Законодавно-правната Комисија на Собранието да се достави до пратеникот Хусни Исмаили.
Собранието констатира дека Барањето за давање на автентично толкување на член 24 став (2) точка б) од Законот за административни службеници, поднесено од пратеникот Снежана Калеска Ванчева не е оправдано и нема потреба од автентично толкување на член на овој закон поради причините содржани во извештајот на Законодавно-правната комисија на Собранието. Овој заклучок заедно со извештајот на Законодавно-правната Комисија на Собранието да се достави до пратеникот Снежана Калеска Ванчева.
За попладне Собранието ќе продолжи со работа по продолженијата на седниците 71, 79, 95, 97, 100 и 103.