Русија отвори кривична постапка против обвинителите и судиите на Меѓународниот кривичен суд кои издадоа налог за апсење на Владимир Путин, објави рускиот Истражен комитет, без да наведе повеќе детали.
„Истражниот комитет отвори кривична постапка против обвинителот на Меѓународниот кривичен суд Карим Ахмад Кан, како и за судиите на Меѓународниот кривичен суд Томоко Акане, Росарио Салваторе Аитала и Серхио Херардо Угалде Годинез“, се вели во соопштението што го пренесува агенцијата Риа.ру.
На 17 март, судскиот совет на Меѓународниот кривичен суд чија јурисдикција Русија не ја признава, издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и детскиот правобранител Марија Лавова-Белова, кои се сомничат за воени злосторства, вклучително и илегалната депортација на деца од Украина во Русија.
Москва ги отфрла обвинувањата, нарекувајќи го потегот неприфатлив и нагласува дека тој нема правна сила во Русија.
Заменик претседателот на Советот за безбедност на Русија Дмитриј Медведев оцени дека одлуката на Меѓународниот кривичен суд ќе има „монструозни последици“, односно уривање на принципот на правото. Тој на Телеграм напиша дека судиите се осмелиле да „кренат рака на најголемата нуклеарна сила“.
Министрите за правда од сите земји членки на Меѓународниот кривичен суд ќе се сретнат денеска во Лондон за да разговараат за зголемување на финансиската поддршка за судот.
– Се собираме во Лондон обединети со една цел – да ги повикаме воените злосторници одговорни за злосторствата извршени во Украина за време на оваа неправедна, неиспровоцирана и незаконска инвазија. Обединетото Кралство, заедно со меѓународната заедница, ќе продолжи да му обезбедува на Меѓународниот кривичен суд ресурси, луѓе и експертиза за правдата да биде задоволена – рече британскиот вицепремиер Доминик Рааб.
Велика Британија вети милион фунти на МКС оваа година, а Министерството за правда соопшти дека се очекува и други земји да ветат финансиска поддршка за време на конференцијата во Лондон, чиј домаќин ќе бидат Велика Британија и Холандија. Средствата ќе бидат искористени за обука на истражители за истрага на наводните воени злосторства, како и за психолошка и практична поддршка за жртвите, објави Министерството.