Неформалниот лидер на неформалната „огнена група“ во ДУИ, Изет Меџити, е трет на листата албански политичари во земјава кои уживаат најголема популарност кај граѓаните. Ова го покажаа резултатите од истражувањето спроведено во втората половина на февруари, објавено на телевизијата Алсат.
Според истражувањето, граѓаните Албанци за Меџити имаат најпозитивно мислење по лидерот на ДУИ, Али Ахмети и лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, а најнегативно мислење имаат за првиот вицепремиер Артан Груби и за лидерот на ДПА, Мендух Тачи.
Меџити има поддршка од 43,5%, Ахмети е прв со 48,9%, додека за Таравари позитивно мислат 46% од испитаниците. Помала поддршка од Меџити имаат претседателите на Беса и на Алтернатива Билал Касами и Африм Гаши.
За превирањата во ДУИ и за дејствувањето на „огнените“ анкетираните го издвојуваат Меџити како најповолен за иден политички лидер. Дури 21,4% од испитаниците сметаат дека Меџити може да биде лидер на политичка партија, додека, пак, Муса Џафери, Невзат Бејта и Висар Ганиу имаат мала поддршка, односно под 10%.