Ако Киев не успее да ја одбрани својата независност на бојното поле, тогаш полската армија ќе мора да стане директен учесник во конфликтот со Русија, изјави полскиот амбасадор во Франција, Јан Емерик Рошчишевски за француската телевизија „LCI“.
– Ако Украина не ја одбрани својата независност, нема да имаме друг избор освен да војуваме – изјави Рошчишевски.
Според него, украинската криза е, пред сè борба за основните вредности и култура на Западот, поради што е толку важно тие да се одбранат.
– Не се НАТО, Полска или Словачка тие кои вршат зголемен притисок, туку Русија која ја нападна Украина. Русија, која ги краде нејзините територии. Русија, која го убива тој народ. И Русија која киднапира украински деца. Значи, или Украина ќе ја одбрани својата независност или ќе мора да влеземе во овој конфликт. Затоа што нашите главни вредности, кои се основата на нашата цивилизација и нашата култура, ќе бидат загрозени. Затоа, нема да имаме друг избор освен да влеземе во конфликтот – рече полскиот амбасадор.
Полската амбасада во Франција потоа излезе со соопштение во кое се наведува дека некои медиуми изјавите на амбасадорот ги толкуваат „надвор од контекст“.
„За време на триесетминутниот разговор со уредникот, амбасадорот Рошчишевски се залагаше за потребата сојузниците да ја поддржат Украина. Зборуваше и за заканата што Русија ја претставува за Европа и европските вредности. Со внимателно слушање на целиот разговор, станува јасно дека нема најава за директно вклучување на Полска во конфликтот, туку само предупредување за последиците што може да ги има украинскиот пораз: можност за руски напад или мешање на неколку централни европски земји – балтичките земји и Полска“, појаснува амбасадата.
Амбасадата нагласува дека амбасадорот Рошчишевски јасно ставил до знаење дека Полска моментално не е во војна, но „прави сè што може за да и помогне на Украина и да се заштити себеси“ во војната на Русија против Украина.