По Полска, и Словачка одлучи да испрати борбени авиони МиГ-29 во Украина. Кремљ денеска најави нивно уништување и го осуди „сè поголемото учество“ на членките на НАТО во конфликтот. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го почести пилотот на руските ловци вклучени во инцидентот во вторникот со американски дрон над Црното Море.
Словачка ќе испрати 13 борбени авиони МиГ-29 во Украина, најави денеска словачкиот премиер Едуард Хегер. Тој ја објави одлуката еден ден откако Полска најави испорака на четири ловци МиГ-29 од советско производство во Киев. Братислава ќе и го предаде на Украина и системот за воздушна одбрана „Коцка“ од советско производство, пренесува француската новинска агенција АФП.
Според привремениот премиер, словачкиот владин кабинет ја донел одлуката едногласно и во согласност со словачкиот устав, пренесува словачката новинска агенција Таср.
На одлуката на Братислава, а претходно и на Варшава веќе реагираа во Кремљ, од каде најавија дека ќе бидат уништени словачки и полски авиони во Украина. „Снабдувањето со оваа воена опрема – како што кажавме многупати – нема да го промени исходот од специјалната воена операција“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, осудувајќи го „зголеменото вклучување“ на земјите од НАТО во конфликтот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски веќе подолго време ги повикува западните сојузници да му достават борбени авиони на Киев, но нема консензус меѓу членките на НАТО.
Декорација за пилот на руски ловци
Приказната за инцидентот во вторник над Црното Море, во кој учествуваа американски извидувачки дрон и руски ловец Су-27, денеска доби продолжение. Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу ги почести двајцата пилоти кои го пресретнаа дронот, пренесува новинската агенција Ројтерс. Американскиот дрон MQ-9 Reaper слета во Црното Море.
Додека САД инсистираат на тоа дека руската војска фрлила гориво на дронот и го оштетила неговиот пропелер, Москва вели дека на американското беспилотно летало му биле исклучени транспондерите и ги прекршиле ограничувањата на воздушниот простор објавени од Русија како дел од нејзината „специјална воена операција“ во Украина.
Повеќе детали за инцидентот – прва директна конфронтација меѓу војската на САД и Русија од почетокот на инвазијата на Украина – се прикажани на снимките од беспилотни летала споделени во четвртокот од Европската команда на американската армија.