Данил Медведев е во страшна победничка серија. Русинот се пласираше во полуфиналето на Индијан Велс победувајќи го Шпанецот Давидович Фокина, што е негов 18-ти последователен триумф.
За да стигне до финалето на првиот турнир од Мастерс серијата во сезоната ќе игра против Американецот Тијафо, а по мечот со Фокин зборуваше и за работи кои немаат врска со спортот.
Од Русинот беше побарано да ја коментира воената акција на Русија против Украина, која трае повеќе од една година.
„Многу ми е жал за украинските играчи поради се што се случува. Истото го кажувам од почеток. Јас сум за мир во светот, против секаков вид на војна“, рече Медведев.
Данил моментално е петти играч во светот, а оваа година веќе освои три титули: Ротердам, Доха и Дубаи. Најголемиот успех на некогашниот светски тенисер број еден е триумфот на УС Опен во 2021 година.