Кажете „не“ на предлог законот кој ќе значи ликвидација на легалната индустрија на игри на среќа, побараа денеска од пратениците Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) и Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), кои во придружба на дел од вработените во индустријата на игри на среќа, се собраа пред Собранието на Македонија, каде на дневен ред на собраниска седница беше ставен предлог Законот за игри на среќа иако не е поминат на Комисијата за европски прашања.
– Вие, пратениците во Собранието, сте претставници избрани од народот и треба да работите во интерес на народот, немојте да подлегнете на притисоци, реагирајте навреме и отфрлете го овој предлог Закон кој ќе предизвика непоправливи штети за целата држава – порача Васко Илијевски, претседател на АСОМ.
– На совеста на сите пратеници се 10 000 семејства. Жалиме што некој се уште не ја разбрал сериозноста на последиците од носењето на овој закон. Некој не се откажува од намерата да протурка скандалозни измени на законот за игри на среќа. И покрај нашиот јавен повик, владиниот Секретаријат за европски прашања не даде одговори на следните оправдани дилеми на јавноста: Која ЕУ директива предвидува затворање на легални игри на среќа? Која ЕУ директива создава предуслови за игри на среќа на црно, без државна контрола? Која ЕУ директива предвидува 10 000 луѓе да останат без своите работни места? Која ЕУ директива овозможува противуставни законски измени? Која ЕУ директива предвидува бркање странски инвеститори кои доаѓаат од земја членка на ЕУ? – изјави Горан Стоименов, претседател на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС).
Тој побара од пратениците да не наседнуваат на, како што рече, лажниот популизам кои го шират противниците на легалните игри на среќа.
– Истите тие никогаш нема да кажат чии бизнис интереси штитат и нема да преземат одговорност за хаосот кој следи доколку овие законски измени се усвојат – нагласи Стоименов.
Од АСОМ истакнаа дека денешниот собир е симболичен приказ за нивниот став во однос на предлог Законот за игри на среќа, и најавија дека доколку нивните апели не се слушнат подготвени се на масовни протести и сериозна борба со цел да го спречат донесувањето на актуелниот предлог закон.
– Тука сме собрани за да испратиме сериозна и јасна порака, дека нема мирно да стоиме и да гледаме како државата го носи најдеструктивниот закон во историјата, кој ќе предизвика затворање на една легална индустрија и ќе отвори широка врата на сивата економија и криминалот – истакна Илијевски од АСОМ.
АСОМ во повеќе наврати изјави дека целосно го отфрла предлог законот и дека го смета за неевропски, неуставен и монополски. Tие објаснија дека за нив апсолутно се неприфатливи предлог измените кои предвидуваат дислокација на објектите, забрана за приредување игри на среќа на Интернет, зголемување на давачките и надоместоците, како и измените на Законот кои задираат во веќе постоечките лиценци, бидејќи тие значат колапс за нивната индустрија.
– Заедно сме тука со дел од нашите вработени кои се загрижени за својата егзистенција и иднина да испратиме апел до пратениците да кажат „не“ на овој катастрофален предлог закон, кој ќе значи оставање на улица на 10 000 луѓе кои чесно заработуваат и придонесуваат за општеството. Новите предлог измени и ќе предизвикаат непоправливи економски штети за целата држава, со тоа што на конец ќе виси и работата на 54 000 граѓани кои соработуваат со нашата индустрија – нагласи Илијевски.
Според АСОМ, алармантно е тоа што државата во време на економска криза прави максимално деструктивен чекор и носи закон кој ќе згасне легална индустрија која во буџетот годишно носи прилив од 280 милиони евра.
Од Асоцијацијата истакнаа дека доколку целта на носење на нов Закон за игри на среќа навистина е заштита на младите треба да се работи на едукација, додавајќи дека се целосно подготвени да помогнат преку финансирање и реализација на проекти и програми за едукација на млади.
– Дополнително доколку сакаме да ги заштитиме младите од обложување предлагаме да се зголемат казните за затекнато малолетно лице на уплатно-исплатните места на приредувачите и да се предвидат казни за родители или старатели на малолетниците кои се затекнати на уплатните места – рече Илијевски.
Претставниците на АСОМ истакнаа дека тие се луѓе кои сакаат да останат на своите работни места, каде чесно заработуваат за своите семејства, додавајќи дека дел од вработените плаќаат кредити, а дел од нив се мајки кои ја планираат иднината на своите деца, односно дека сите се луѓе кои ќе бидат оставени без приходи во време на инфлација и економска криза.
И Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа предупреди дека ако овие законски измени не се повлечат и низ една широка општествена, јавна дебата со вклучување на сите засегнати страни не се пристапи кон изработка на одржливо законско решение кое ќе ги следи сите светски стандарди за игри на среќа, АПИС, АСОМ и Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“ ќе бидат принудени да излезат на масовни протести.
– Ќе се бориме до крај против неправдата со сите демократски средства. Ако надлежните институции не сакаат да ги прифатат нашите аргументи ќе немаме друг избор. Наша должност е да ги заштитиме вработените и огромните инвестиции кои ја придвижуваат македонската економија напред – порача Стоименов.