More

    Транспортерите бараат мала козметика на законот за возила која ќе им заштеди големи пари

    spot_img

    Здружението на транспортери „Макам-транс“ бара владата со законски измени да ги прогласи за неупотребливи регистарските таблички со ознака МКД и да издава дупликати со сегашниот регистарски број, но со новата ознака НМК. Со тоа, велат оттаму, ќе се олесни замената на регистарските таблици, а на компаниите кои вршат комерцијален домашен и меѓународен превоз ќе им се помогне со тоа што нема да имаат дополнителни трошоци за вадење нова документација во земјава и во странство.

    Од Здружението сметаат дека на ваков начин ќе се добие најдоброто и најбрзо решение на проблемот за компаниите по одлуката краен рок за замена на регистарските таблички со ознака НМК да биде 12 февруари 2024 година.

    Тие велат дека нема потреба од големи законски измени бидејќи ваква можност се дава во членот 37, ставовите 1 и 3 од Законот за возила каде што е утврдено дека „при замена за уништени или неупотребливи регистарски таблици се издаваат нови регистарски таблици со истиот регистарски број“. Решението не го загрозува, според нив, ниту Правилникот за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање донесен во 2020 година донесен од Министерството за внатрешни работи во кое постои изразот „неупотребливи таблици поради замена на ознаката на државата од МК во НМК“.

    – Во членот 37 став (1) треба како причина за издавање дупликат на регистарски таблички само да се додаде изразот „или со акт на државата станале неупотребливи или нечитливи“. Таков акт е и Преспанскиот договор со кој се бара замена на ознаката МКД со НМК. Истата клаузула ќе важи и во Правилникот на МВР – појаснува Билјана Муратовска од ова здружение.

    Со прифаќањето на вакво решение за, како што вели таа, обемната постапка на која се обврзани транспортерите, ќе се помогне за побрза замена на табличките, но и за намалување на негативните финансиски ефекти за компаниите.

    – Ако владата дозволи компаниите да ги заменат регистарските таблици на ваков начин, односно со издавање дупликат на сегашниот број со нова ознака тогаш транспортерите нема да имаат застој во работењето поради чекање за секој камион и секоја приколка да ја завршат постапката во голем број институции дома и во странство, а за државата нема да има никакви дополнителни трошоци бидејќи таа секако ги изработува новите таблички со новата ознака НМК. Застоите кои ги имаат компаниите поради замена на овие документи, со сегашното решение, ги чинат многу пари но и можност да се изгубат долгогодишни клиенти на кои нема да им се превезе стоката според договореното. Постапката во идеални услови трае од 15 до 20 работни денови. Тоа значи дека превозникот покрај плаќање за секоја услуга поодделно, по возило губи минимум три превози во одење и враќање, што значи неостварени превози во бруто-износ од 3.000 до 10.000 евра во зависност од релацијата на движење – вели Муратовска.

    Таа појаснува дека сегашното решение на замена на ознаката МКД во НМК повлекува и замена на регистарскиот број и на сите приколки кои ги поседуваат транспортните компании што ја прави уште посложена целата процедура.

    Здружението веќе еднаш испрати барање до владата и до министерствата за економија и за внатрешни работи, но, велат дека оттаму нема реакции.

    – Сега се обративме и до Министерството за транспорт и врски во чиј ресор спаѓаме, со барање тоа да поведе иницијатива пред Владата за допрецизирање на членот 37, став 1 од Законот за возила. Истовремено, предлагаме Владата да побара од Собранието и официјално толкување за терминот „неупотребливи“ во поширока смисла на зборот и од аспект на утврдените обврски со потпишаниот Преспански договор, со кој сите регистарски таблици во нашата држава стануваат неупотребливи по сила на меѓународен билатерален договор. Да не заборавиме дека корист од ова нема да имаат само тие што комерцијален превоз во патниот сообраќај, туку и државните институции кои ги заменуваат табличките и сите кои издаваат документи за транспортерите бидејќи ќе бидат поштедени од издавање на документи за огромен број на возила. Дел од нив се без надомест како издавањето на лиценци. Дополнително нема да има одлив на девизи од земјата. Но и од таму ниту нѐ поканија за објаснување, ниту нѐ информираа дека почнале некаква процедура – вели Муратовска.

    Плусинфо во владата и во министерствата праша дали се размислува за некакви олеснувања за транспортерите поврзани со замената на регистарските таблички поврзани со обврските од Преспанскиот договор, но не доби одговори.

    Податоците говорат дека на 15.923 влечни возила плус 15.604 приклучни возила или на вкупно 31.527 возила, кои вршат превоз на стока како јавен превоз и превоз за сопствени потреби, пред сè, во меѓународниот превоз на стока, треба да им бидат заменети регистарските таблички.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img