Владата наголемо најавува вработување странци, но законски го ограничува бројот на странци кои можат да се вработат во земјава, велат бизнисмени откако вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека е дојдено време за овозможување на вработување работници од странство. Пресметките на владата за годишните потреби на работници се околу 10.000.
Статистичките бројки, пак, покажуваат дека во последниот квартал од ланската година вкупното активно население во земјава се намалило за 6.078 луѓе. Притоа е намален и бројот на вработени за 3.009 работници и бројот на невработените за 3.039 лица. Во исто време е намален и бројот на неактивно население на возраст од 20 до 64 години за 3.813 лица.
Податоците на агенциите кои посредуваат за вработување во странство покажуваат дека просечно годишно во странство заминуваат меѓу 3.000 и 10.000 работници. Дополнителен одлив на работници има и со сезонските вработувања во летниот период кога во странство одат и до 10.000 работници. Бројките се многу поголеми ако се има предвид дека најголемиот дел од заминувањата во странство се реализираат на диво или преку познаници. Според последниот попис, од земјава повеќе од 250.000 лица се во странство повеќе од една година.
Очекувањата на бизнисмените се дека владата брзо ќе реагира со одлуката и законските измени за тоа како да се овозможи влез на поголем број странски работници, за да се намали проблемот со недостиг на работници пред да почнат да се затвораат фирмите. Според нив владата има две можности да го направи тоа – преку либерализација на пазарот на труд или со двојно зголемување на квотата за вработување странци.
– Добро е што владата конечно се освести дека треба да овозможи вработување на странци во земјава, бидејќи одливот на кадар е голем. Ние како работодавачи и комори бараме да се либерализира пазарот на труд или двојно и повеќе да се зголемат квотите за вработување странци. Со тоа ќе се овозможи компаниите да донесат кадар од држави кои имаат понизок стандард од нашиот. На пример од Бангладеш, Филипини … каде што луѓето немаат ниту основи услови за живеење, а просечните плати се далеку под нашиот просек – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.
Владата, секоја година различно ја утврдува квотата на вработување странци иако според Законот за вработување странци годишно бројот на странци кои можат да се вработат се утврдува на најмногу 5 отсто од статистичкиот број на вработени во земјава. Во декември лани бројот на вработени изнесуваше 690.053 лица, што значи можност за вработување на странци за оваа година би требало да има за најмногу 34.503 работници. Просечната квота која ја утврдува годишно владата изнесува околу 3.500 работници, но лани квотата порасна на 5.000.
Димитров вели дека лани оваа квота се пополнила во октомври и во последиот квартал компаниите немале можност да вработуваат странци.
– Дел од компаниите од градежниот сектор, поради недостигот на голем број работници, се обидуваат на секој начин да обезбедат работници од странство. Така, некои од компаниите веќе отворија подружници во странство во кои вработуваат, па потоа работниците ги носат во земјава да работат на проекти. Мислам дека сега и компаниите кои ќе ги градат автопатиштата ќе имаат проблем да обезбедат работници поради квотите. Некои од странските инвеститори се жалат дека не можат да вработат ниту членови на управни одбори од странство кои им се потребни, а што станува со можноста да се донесат работници? Ова, како што реков, ќе се надмине само со зголемување на квотите или со целосно либерализирање на пазарот на трудот. Потребна е само волја од владата тоа да го направи – вели тој.
Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата тврди дека одамна е дојдено времето државата да не го ограничува пазарот на труд и целокупната економија за странци преку квоти од 5.000 работници, туку да ја отвори економијата и пазарот на труд.
– Сега веќе треба да се размислува за дерегулација на тој пазар, а не да се преземаат ригорозни мерки за ограничување кое било потребно во некое минато време. Земјава треба да стане атрактивна за вработување не само за странците, туку и за нашите работници, а не да се преземаат ригорозни мерки со кои само се штитат ниските плати. Тоа придонесе да ни заминуваат работници и истовремено го оневозможи влезот на технолошко, организациско и секаков друг вид на искуство во нашата економија. Кога велам дека треба да бидеме отворени за работници, мислам и на нашата обврска од Отворен Балкан и на влез на странски работници и менаџери кои би ја подобриле нашата економија. Зошто да имаме состојба, поради пополнети квоти да не дозволиме високоплатени менаџери да доаѓаат и да се вработат во земјава и да донесат со себе квалитети кои ќе го подобрат работењето на нашата економија – прашува Бошков.
Според него, ако државата се одлучи сепак за зголемување на квотите за вработување на странци, тогаш тие би требало да бидат зголемени на околу 30.000 работници.
– Притоа бројот и професијата треба да ги определува, според своите потреби, бизнисот, а да се реализира со посредство на агенциите кои вработуваат во земјава или они кои вработуваат во странство да вработуваат и во земјава. Подвлекувам дека биснисот треба да ја каже структурата на тие врботени – вели Бошков.
Моментално, според законот за вработувањето на странци, нивното вработување се реализира преку државната Агенција за вработување, но во иднина, зависно од тоа колкав број на работници, ќе треба да се донесат од странство и ќе се отвори можност за вработување преку приватните агенции.
– Сè ќе зависи од одлуката на владата и евентуалните измени на Законот за вработување на странци каде што е утврдено тие вработувања да одат преку државната агенција. Зошто да не го прават тоа и приватни агенции? Тие се подготвени да го направат тоа за компаниите – вели Раде Ненадиќ од агенцијата „Партнер“.
Речиси целата индустрија во земјава има потреба од работници кои не може да ги најде на домашниот пазар на труд. Најголем недостиг има од градежни работници бидејќи во текот на изминатата година 12.000 работници ја напуштиле земјава и на работници во угостителството, кои секоја година за време на летната туристичка сезона одат во странство.