Инфекцијата со коронавирусот може да предизвика долгорочни гастроинтестинални проблеми како што се запек и дијареа, покажа истражувањето. Хроничниот рефлукс на киселина, надуеност и стомачна болка се три други симптоми кои опстојуваат кај некои поединци и до една година по инфекцијата.
Американската студија се заснова на медицинските досиеја на повеќе од 11,6 милиони луѓе, од кои 154.000 имале коронавирус помеѓу март 2020 година и јануари 2021 година. Овие податоци беа споредени со 5,6 милиони луѓе кои не се заразиле во тој период и истражување кое опфати околу 5,8 милиони луѓе пред избувнувањето.
Истражувачите откриле дека оние кои го имале вирусот доживеале повеќе гастроинтестинални симптоми една година подоцна од оние кои не се заразиле и од просечниот човек пред пандемијата.
Епидемиологот Зијад Ал-Али, постар автор на студијата на Универзитетот во Вашингтон, рече дека е „сè појасно“ дека гастроинтестиналниот тракт е „резервоар“ за ковид-19, пренесува Sky News.
„Вирусот може да биде деструктивен, дури и кај оние кои се сметаат за здрави или имале благи инфекции“, рече тој.
Студијата покажа дека ковидот предизвикува луѓето да развијат знаци на синдром на нервозно дебело црево и дигестивни симптоми како што се запек, надуеност и дијареа поради инфекцијата.
Ова е уште една студија која го разгледа долгорочниот ковид, а доаѓа откако студијата SAGE покажа дека повеќето пациенти кои имаат долгорочен ковид имаат знаци на оштетување на органите дури и една година по инфекцијата.
Заболените пријавиле широк спектар на симптоми од почетокот на пандемијата, од кои некои вклучуваат депресија, главоболки, респираторни проблеми, губење на косата и трајни промени во мирисот и вкусот.
Резултатите беа објавени во списанието Nature Communications, а студијата ја нагласува потребата од зголемени напори за лекување на долгорочните ефекти на коронавирусот.