Министерството за правда подготвува нов допис за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, најави министерот Кренар Лога во емисијата Клик плус на ТВ 21.
Тој вели дека писмото е поврзано и со 9 други случаи, додека во образложението за екстрадиција ќе пишува дека казната ќе ја одлежува во хашките ќелии, кои ги исполнуваат условите, бидејќи добил азил со образложение дека земјава нема добри услови во затворите за таа категорија осуденици.
– Груевизмот нема да избега од Северна Македонија додека овој човек и луѓето околу него и тој дух не ја добијат заслужената казна. Во моментов подготвуваме писмо со барање за негова екстрадиција за 9 други кривични дела, за кои тој е обвинет и има меѓународна потерница. Во горенаведеното писмо дадов сугестија да се напише дека Северна Македонија ги исполнува условите за категоријата личност како Груевски, бидејќи истиот тој Груевски градел ќелии во притвор и во затвори, таканаречени „хашки ќелии“, кои ги исполнуваат сите стандарди и верувам дека со овие докази ги исполнуваме стандардите за неговото третирање како специјален затвореник и сметам дека треба да биде екстрадиран од Унгарија – рече министерот Лога.